Македонија
Гаши – Гафарова: Поставени основите за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Азербејџан
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој од 17 до 19 јуни е во официјална посета на Азербејџан, денеска имаше средба со претседателката на Националното Собрание, Сахиба Гафарова, на чија покана ја реализира посетата.
Во Делегацијата, која беше пречекана со високи почести, се и пратеникот Петар Марков, кој е и претседател на Пратеничката Група за соработка со Азербејџан, пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши ѝ се заблагодари на претседателката Гафарова за гостопримството и оцени дека ова е можност заеднички да ги постават основите за продлабочување на натамошната соработка помеѓу двата парламенти, но и помеѓу двете држави.
Тој изрази задоволство што официјалната посета се реализира во годината кога одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и додаде дека независно од тоа што Северна Македонија и Азербејџан потекнуваат од различни региони, постојат можности за унапредување на меѓусебната соработка во сите области, а особено во делот на енергетиката, економијата и туризмот.
Претседателот Гаши е прв претседател на македонското собрание кој е во официјална посета на Националното собрание на Азербејџан. Тој истакна дека на овој начин, заедно со претседателката Гафарова, отвораат ново поглавје во односите меѓу двата парламента.
Претседателката Гафарова нагласи дека покрај заедничката заложба за продлабочување на соработката на парламентарно ниво, потребно е заеднички да се вложат за унапредување на соработката и на мултилатерално ниво, преку повеќето парламентарни организации, на кои парламентите на двете држави се членки.
Во однос на парламентарната соработка, двајцата соговорници ја истакнаа важноста на соработката меѓу Групите за соработка, преку споделување искуства од парламентарното работење и примена на ефикасни искуства од различни области. Заеднички беше заклучокот дека ќе ги мотивираат Групите за соработка меѓу двете држави да ја зајакнат и интензивираат меѓусебната комуникација, но исто така оценија дека треба да поттикнат и соработка помеѓу парламентарните комисии.
Претседателот Гаши се потпиша и во Книгата на честа во Националното Собрание на Азербејџан, каде порача дека преку парламентарната дипломатија треба да се градат мостови на пријателства.
Делегацијата имаше можност и да го разгледа Националното собрание на Азербејџан и да се запознае со структурата и работата на законодавниот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

