Македонија
Гаши: Геноцид како во Сребреница не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори
Геноцид како во Сребреница не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши, на одбележувањето на Денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница во Собранието.
Гаши од името на пратениците во Собранието и од негово лично име изрази искрено сочувство за жртвите на геноцидот во Сребреница до членовите на нивните семејства, до граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина и до нашите сограѓани Бошњаци.
Оцени дека геноцидот во Сребреница пред 29 години сѐ уште е свеж во колективната меморија, особено меѓу граѓаните на овие простори. Во јули 1995 година, за само неколку дена, беа убиени над осум илјади Бошњаци, од бебиња до 90-годишна возраст, во едно од најголемите злосторства на територијата на Европа по Втората светска војна. Илјадници семејства останаа без синови, татковци, браќа, сестри, мајки, рече Гаши.
Претседателот на Собранието во обраќањето истакна дека геноцидот не е настан што се случува спонтано и што настанува сам по себе. Тој има автор, тоа е планирана и организирана акција, со намера на истребување и уништување на другиот, во овој случај на Бошњаците од Босна и Херцеговина. Тоа беше причина, како што рече Гаши, што и Северна Македонија, заедно со повеќето земји во светската организација, неодамна застана зад резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации, со која се осудуваат негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавањето на геноцидот во Сребреница.
„Оваа резолуција, како што истакнаа и нејзините предлагачи, не е насочена против никого посебно, туку се однесува единствено на извршителите на геноцидот, кои секако се општо познати, а за некои веќе се извршени и меѓународни пресуди за воени злосторства. Собранието на Република Северна Македонија секоја година го одбележува Денот на сеќавањето на геноцидот од 1995 година откако во 2010 година со декларација е поддржана резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница.
Тоа е наш начин за оддавање почит кон насилно одземените животи, сочувство кон нивните најблиски и катарза на човечкото во сите нас како индивидуи, како општества и како држави“, рече Гаши.
Ние треба да испратиме порака и до нашите деца, до идните генерации, дека треба да ги почитуваат различностите и да се спротивстават на омразата, на предрасудите и на стереотипите, додаде претседателот на Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.

