Македонија
Гаши: Денот на лицата со попреченост е повик за институционална одговорност да изградиме општество каде секој поединец е третиран со достоинство и почит
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост и Меѓународниот ден на човековите права, денеска, се одржа настан на тема „Поттикнување на инклузивни општества за лицата со попреченост за унапредување на социјалниот напредок“.
Присуствуваа претставници од парламентот, институции, граѓански организации, академската заедница, како и студенти и засегнати страни.
Настанот започна со поздравно обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и воведно обраќање на претседавачот на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски.
„Посебно задоволство и чест е да бидеме заедно во Собранието на овој настан што нè потсетува на една од најфундаменталните вредности на демократијата: вклучувањето на секој граѓанин без разлика. Денот на лицата со попреченост е годишен повик за размислување за нашата институционална одговорност да изградиме општество каде што секој поединец е третиран со достоинство, еднаквост и почит“, истакна Гаши.
Во однос на овогодишната тема, „Поттикнување на инклузивни општества за лицата со попреченост за општествен напредок“, Гаши сподели дека таа нè потсетува дека напредокот на едно општество се мери не само според економскиот или технолошкиот развој, туку и според неговата способност да создава простори каде што секој човек, без оглед на предизвиците со кои се соочува, може да напредува, да придонесува и да го реализира својот уникатен потенцијал.
Претседавачот на Групата, Мицевски посочи дека одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост и Меѓународниот ден на човековите права ни служи да се подсетиме на важноста на најголемиот демократски принципи, а тоа е вклучувањето на сите наши граѓани во демократските процеси. На овој ден кажуваме дека тие се видливи, а ние како политички чинители внимаваме на нивната општествена благосостојба при креирањето на политиките. Оваа важна комуникација се спроведува преку Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост.
Потоа следеа презентациите на Јоана Тренеска (ИДСЦС / ПСП) и Ана Богдановска (Парламентарен институт) кои ја претставија актуелната состојба и наоди од истражувања за маргинализираните групи и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Во панел-дискусијата, модерирана од Александра Крстеска (НДИ), панелистите Ангелинка Петкова, Јована Тренчевска, Снежана Трпевска, Елена Кочоска и Љубиша Савески разговараа за стратегиите за унапредување на инклузивноста, социјалниот напредок и пристапот до образование, здравство и социјални услуги за лицата со попреченост.
Настанот заврши со прашања и коментари од публиката, при што студентите и претставниците на граѓанските организации активно учествуваа во дискусијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“
Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.
Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.
Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.
Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.
Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Фото: ЕПА
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.

