Македонија
Гаши како сват замина за Косово по невеста со служено возило, ЛДП изразува загриженост (ВИДЕО)
Либерално-демократската партија изразува загриженост од континуираното непристојно однесување и злоупотреба на службената положба на претседателот на Македонското Собрание, Африм Гаши.
Откако неговото обезбедување неодамна успеа да предизвика меѓународен инцидент на Скопскиот аеродром при посетата на косовската претседателка, Вјоса Османи, од ЛДП велат дека денеска Гаши повторно е во главна улога, овој пат како сват по невеста, со службено возило во свадбарска колона во соседно Косово.
„Прашуваме, дали господинот спикер, Африм Гаши, носел со себе патен налог и поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата? Ако имал, бараме образложение по кој основ е издаден тој налог, за која намена, во кое времетраење и нормално, колку сето тоа нѐ чини нас, од чии даноци и се одржуваат возилата и државниот возен парк. ЛДП апелира да престане „каубојското“ однесување на одредени службени лица, претставници на институциите во државата и наместо да мафтаат со пиштоли по аеродроми и да одат на свадби во соседството со службени возила, да седнат и да сработат нешто за доброто на граѓаните и државата. Со единствена цел: спречување на злоупотребата на државните возила, ЛДП предлага сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани (како такси возилата во Град Скопје) или сите да бидат бојадисани со иста боја“, се вели во реакцијата на ЛДП.
Само така, велат, со носење на ваква конкретна мерка ќе може да се намалат злоупотребите во иднина, истовремено намалувајќи го и беспредметното трошење на буџетски средства за приватни и лични намени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

