Македонија
Гаши: Тежок ден, не можам да најдам зборови за утеха, се надевам дека никогаш нема да се повтори

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема зборови за утеха по пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а околу 155 се повредени. Тој по посетата на пациентите сместени во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ рече дека треба да сме сплотени за како држава да помогнеме на семејствата.
„Многу голема трагедија, тежок ден за сите нас. Не можам да најдам зорови за утеха. Изразувам најдлабоко сочувство на сите семејства на починатите и на повредените деца. Треба денеска сите да сме сплотени заедно и да направиме се што можеме како држава, како институции, да помогнеме на семејствата. Навистина немам повеќе зборови, не знам што да кажам. Заедно со директорот ги видовме пациентите, изразувам благодарност до медицинскиот персонал до директорот и сите доктори кои навистина многу професионално ја извршиле својата работа. Тежок ден, се надевам дека ова никогаш нема да и се повтори на нашата држава“, рече Гаши.
Во болницата „Св. Наум Охридски“ се сместени 29 повредни во пожарот во Кочани. Двајца се на респиратор, а останатите засега се во стабилна состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Талески: СДСМ бара оставка од Тошковски за трагедијата во Кочани

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, човекот кој е на чело на системот што требало да спречи ваква катастрофа, не само што не поднесе оставка, туку бега од одговорност како да воопшто не бил тој и неговите началници одговорни на денот на пожарот, истакна на прес-конференција Миле Талески пратеник на СДСМ.
Како што вели, Талески, ако се следи истрагата се добива впечаток дека настанот се случил во некое друго време со некоја друга власт.
„Поминаа точно 30 дена од трагедијата во Кочани, а Тошковски сè уште не најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните. Наместо денес да се жали на Фејсбук како опозицијата го напаѓала, треба да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност. Пред оставката, треба да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот. Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи.
Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван“.
Ова потенцира Талески е срамно и директен доказ за селективна правда.
Прашува дали има поголем доказ за морален пораз од тоа што советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани поднесе оставка, а министерот не.
„Како е можно политички претставник на локално ниво да покаже повеќе карактер од човек кој води едно од најмоќните министерства? Дури Тошковски измислува некакви алијанси и на празно обвинува, нема никакви алијанси, има само прашања на кои тој не дава одговори“.
СДСМ, подвелкува тој, нема да молчи, и му порачува на Тошковски своите писанија на Фејсбук да си ги чува за себе.
„Ниту ќе нè заплаши, ниту ќе нè замолчи. Ќе продолжиме да ги отвораме овие прашања и ќе инсистираме на целосна, неселективна и независна истрага. Ќе бараме да се истражи и одговорноста на оние кои биле на врвот – затоа што токму тие ја водат полицијата која гледала, знаела, а не направила ништо. Правда за Кочани нема да има додека тие што можеле да спречат трагедија не одговараат. Не само кривично – туку и институционално, и политички. А тоа започнува со оставка на Панче Тошковски“, нагласи Талески.
Додаде дека зко тој не сака да си поднесе оставка, тогаш јавноста ќе му ја побара.
Македонија
Перински во Аеродром: Соработката меѓу централната и локалната власт е двигател на вистински промени

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Аеродром, каде се работи на реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку првиот владин повик за поддршка на општински проекти, соопштија од неговиот кабинет.
Во оваа најбројна скопска општина, како што е наведено во информацијата, во тек е санација и рехабилитација на скверот зад ТЦ „Капитол“, се обновуваат тротоарите на улица „23 Октомври“ во населбите Острово и Стар Аеродром, а од денеска започнаа да се реконструираат и тротоарите на улица „Анастас Митрев“ во населба Мичурин. Министерот Перински заедно со градоначалникот Дејан Митески, посетија дел од локациите каде се одвиваат градежните зафати и констатираа дека изведбата на терен се одвива непречено.
Согласни беа дека обновата на тротоарите ќе придонесе за зголемена безбедност и комфор за пешаците и дека интервенциите се доказ за посветеноста да се работи на решенија кои го подобруваат квалитетот на секојдневието на жителите, користејќи ја поддршката од централната власт на ефикасен и одговорен начин.
На Општина Аеродром на првиот владин повик одобрени и беа девет проекти, а на вториот, Општината веќе поднесе апликативни формулари за шест проекти.
Перински при теренската посета на Аеродром истакна дека градежниот бум во општината е потврда дека партнерството меѓу централната и локалната власт не е само административна формалност, туку двигател на вистински промени. Тој беше дециден дека синергијата ќе продолжи, уште поинтензивно, уште поцврсто, затоа што преку соработка и меѓусебна поддршка се создаваат услови за траен и одржлив развој на општините и подобар живот за граѓаните.
Утре домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“ ќе биде Општина Центар, во чии рамки министерот ќе одржи средба со градоначалникот и членовите на општинскиот Совет.
Македонија
Претреси на осум локации во Прилеп поврзани со работењето на болницата

Финансиската полиција ја тресе прилепската болница, а во тек се претреси на осум локации.
„Основното јавно обвинителство Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствата ги презема Управата за финансиска полиција“, информираа од Обвинителството.
По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејства за обезбедување докази.