Македонија
Гаши: Толеранцијата е една од врвните човекови особини

Во Собранието се одбележа Меѓународниот ден на толеранцијата преку работилница за деца од повеќе училишта и од разна етничка, културна и верска припадност. Тие креираа пораки за толеранција преку кои порачаа пообединето, мирно и заедничко општество.
На настанот присуствуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Во своето поздравно обраќање претседателот Гаши истакна дека овој настан е можност преку децата да се испрати порака до сите граѓани дека толеранцијата е една од врвните човекови особини, која сите треба да ја поседуваме. Како држава да бидеме среќни што имаме разни групи и различноста да ја гледаме како убавина затоа што разликите ги прават работите убави. Да ги почитуваме сите, без никаква разлика, јазична, религиска, социјална. Пред сѐ, да сме луѓе, порача Гаши, затоа што човечноста е најголемата вредност, а љубовта е највисокиот степен на човечноста. Тој апелира со толеранција и љубов заеднички да ја издигнеме државата на повисоко ниво.
Меѓународниот ден на толеранцијата се слави на 16 ноември секоја година, со цел да се зајакне и подигне јавната свест за толеранцијата, почитта и разбирањето меѓу луѓето од разни потекла и култури. Денес, се испраќаат пораки за градење мирни и инклузивни општества, се промовираат разбирањето, емпатијата и дијалогот наспроти предрасудите, дискриминацијата и стереотипите. Толеранцијата е клучен фактор за одржување на мирот, за економскиот и социјалниот напредок. Таа е политичка, правна и морална должност за заштита и зачувување на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на презентација на новата воена опрема од САД во касарната во Штип

Денеска во 10:00 часот, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе присуствува на презентација на новопристигнатата опрема од САД во Касарна „Јане Сандански“ во Општина Штип.
Станува збор за 29 лесни оклопни возила – JLTV.
фото:илустрација/принтскрин
Македонија
Без вода денеска дел од Карпош

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради промена на два затворачи на водоводна мрежа со пречник од ф-300мм, на крстосницата од улиците Париска/Букурешка, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улица Париска, дел од улица Хелсинки и дел од улица Прашка, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Делови од Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на куќниот бр. 65 на ул. Влае. (Општина Карпош)
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од делови од улиците: Виктор Иванович Григоревич и Полог. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Кучково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:00 до 17:00 часот, корисниците од ул. 1519 и ул. Борис Трајковски крак – 34. (Општина Кисела Вода)