Македонија
Гаши ја нагласи недвосмислената поддршка за Украина на средбата со украинскиот колега
На маргините на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари билатерална средба со својот хомолог, претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Гаши истакна дека Собранието на Република Северна Македонија по трет пат е претставено на највисоко ниво на парламентарните самити на Меѓународната кримска платформа, што е јасен показател на нашата посветеност кон овој форум, како и цврстата поддршка за Украина, на секое поле. Соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина, како на билатерален, така и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија бележи значителен напредок изминативе години. Во овој контекст од особено значење се и бројните активности на пратеничките групи за соработка и пријателство од двата парламенти. Во 2021 година, Делегацијата од Групата за пријателство Украина – Северна Македонија беше првата странска делегација што го посети нашето Собрание по пандемијата.
Гаши ја нагласи недвосмислената и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ во, како што рече, бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија на Русија врз Украина и во борбата против агресорот, што истовремено претставува борба за демократските вредности и заштита на меѓународниот поредок.
Претседателот Стефанчук искажа благодарност за постојаната поддршка на секое ниво и формат која нашата држава и ја пружа на Украина. Сите сакаат оваа војна да заврши, но важно е и како ќе заврши војната. Претседателот Стефанчук нагласи дека на Украина во моментов и се повеќе од потребни поддржувачи и гласноговорници на сите меѓународни форуми особено земји – членки на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

