Македонија
ГДУ: Иселувањето на лекарите е многу поголем проблем од оној со потерницата за Груевски

Ги поздравувам иницијативите на Клубот на млади лекари за намалувањето на егзодусот врз белиот мантил и воедно со тоа го повикувам Министерството за здравство веднаш да почне консултации со претставници на сите чинители во давањето, примањето на здравствените услуги и оние кои треба да ги финансираат овие услуги, соопшти д-р Енсер Јусуфоски, потпретседател на Граѓанско-демократска унија.
„Во текот на изминатиот период бевме сведоци на контрадикторни политики на министерот за здравство и премиерот на Владата, што ни малку не придонесуваат за подобрувањето на условите за младите, идните и постоечките лекари и другиот медицински персонал.
Фактот дека повеќе од 1200 млади лекари ја имаат напуштено Македонија во последните 7 години покажува дека трендот на недоволна ангажираност на надлежното министерство за подобрување на статусот, условите за работа и примањата на медицинските работници продолжува.
Ветувањата за позитивни промени во здравството барем засега остануваат убава бајка во која, како што изгледа, веруваат сè помалку луѓе. Тука се крие и причината зошто лекарите масовно си заминуваат и ја бараат својата професионална реализација и егзистенција надвор од земјата.
Потсетувам дека само пред неколку дена медиумите објавија дека во источниот дел на земјата се набљудува дефицит на медицински работници.
Според мене, тоа е многу поголем проблем од „главната“ дилема што ја тресе јавноста деновиве, каде се наоѓа Груевски и зошто уште се нема пријавено во предистражниот затвор „Скопје“.
Алармантните статистички податоци нека бидат предупредување за сите, посебно за политиките на Министерството и Владата кон оваа многу осетлива и болна тема за граѓаните на Македонија“, вели Јусуфоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ ги соопшти имињата за градоначалници и во Тетово и Желино, за Гостивар ќе чека предлог од Таравари, а за Струга од Села

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, свика редовна седница на Централното претседателство на партијата, на која беа разгледани актуелните политички случувања во земјата и подготовките за претстојните локални избори.
Централното претседателство едногласно го именува Фатон Ахмети, генерален секретар на ДУИ, за шеф на Централниот изборен штаб.
Исто така, со целосен консензус беа потврдени кандидатите кои ќе се натпреваруваат за градоначалници и носители на советнички листи во повеќе општини:
Во Општина Тетово, кандидат ќе биде Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ.
Во Општина Желино, кандидат ќе биде Гемир Сулејмани, претседател на општинската организација на ДУИ.
Во Општина Гостивар, носител на советничката листа ќе биде Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ. Во Општина Струга, носител на советничката листа ќе биде Фатон Пололжани, претседател на огранокот на ДУИ.
Во наредните денови, по завршување на внатрепартиските и коалициските консултации, ќе бидат потврдени дополнителни кандидати за останатите општини.
Од Алијансата за Албанците, преку Зијадин Села, се очекуваат предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Харачина и Дебар, а од Арбен Таравари – за Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај.
Од ДУИ велат дека остануваат посветени на фер, инклузивен и програмски силен изборен процес, а граѓаните се повикуваат како на референдум да ја потврдат следната победа на локалните избори.
Македонија
Бујар Османи ја објави кандидатурата за градоначалник на Чаир: „Не се работи за функција“

Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на општина Чаир. Одлуката, како што истакна, е резултат на долг период на консултации и сериозно преиспитување, донесена заеднички со луѓето што му се најблиску.
„Не се работи за функција. Они кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани.“, порача Османи.
Тој истакна дека влегува во оваа трка со посветеност, посочувајќи дека сака иднината на децата во Чаир да биде подобра, а нивното секојдневие побезбедно и поквалитетно.
„На Чаир му се потребни промени вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните“, рече Османи.
На крајот од своето обраќање, им се заблагодари на сите кои му ја изразиле поддршката во изминатиот период.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими министерот за економија на Азербејџан, Џабаров

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со Микаил Џабаров, министер за економија на Азербејџан, на којашто беше потврдена спремноста за продлабочување на соработката во областа на економијата, но и во други сфери, како инфраструктурата и туризмот.
За соговорниците, потпишувањето Декларација за стратешко партнерство и пријателство, е неопходен чекор кон склучувањето договор за стратешка соработка во областа на енергетиката.
На средбата, министерот Џабаров ја информираше претседателката за подготвеноста на Азербејџан да потпише со нас договор за долгорочно снабдување со гас, со којшто азербејџанската национална нафтена компанија SOCAR ќе го зајакне присуството во регионот и уште еднаш ќе го потврди угледот како сигурен и доверлив снабдувач со енергетски ресурси на европскиот пазар.
За претседателката, оваа иницијатива гарантира сигурна енергетска транзиција кон Зелената агенда. Таа очекува приклучување кон ТАП (Трансјадрански гасовод), како потенцијално решение за справување со глобалната енергетска криза.
Со оглед на брзиот инфраструктурен развој на Азербејџан, претседателката изрази став дека азербејџанското искуство и експертиза може да ни помогнат за поефикасна реализација на тековните и идни инфраструктурни проекти.
Министерот Џабаров изрази подготвеност за помош на овој план, укажувајќи на позитивното искуство со неколку земји од регионот.
Соговорниците се согласија околу потребата од визна либерализација како важен и неопходен чекор за меѓусебно зближување.
Обајцата укажаа на потребата од иницирање партнерски проекти во сферата на туризмот.