Македонија
Генералниот секретар на Град Скопје: Разочаран сум од слабиот потенцијал на Арсовска
Генералниот секретар на Град Скопје – Ѓоко Велковски заминува од позицијата. Тој на „Фејсбук“ објави статус во кој ги наведува причините за ваквиот негов потег.
Во продолжение статусот на Велковски:
„Како човек кој секогаш одговорно и професионално си го извршувал своите работни задачи морам да потенцирам дека за мене беше вистински предизвик да бидам на позицијата генерален секретар на Градот Скопје, особено што тоа е место каде човек може вистински да се вгради во развојот и Скопје и да работи на вистинско решавање на бројните проблеми на скопјани. На ова место дојдов со ентузијазам и план да воспоставиме вистинска работна практика и да ги покренеме процесите кои повеќе години претходно беа заглавени и далеку од потребното ниво. Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам, барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме извести дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде сум избран од граѓаните на Чаир. Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но воедно залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква една ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе.
Сакам да посочам дека јас ќе продолжам да придонесувам за Скопје од позицијата советник во Општина Чаир, останувам и посветен на мојата ВМРО ДПМНЕ и членовите на Општинскиот комитет Чаир кој го предводам, благодарам за укажаната доверба и поддршката од сите мои пријатели и соработници, на поддршката од мојата партија и претседателот Мицкоски со кој продолжуваме да го остварувамe она што неминовно ќе мора да се случи за да Македонија се крене, промени за сигурна иднина!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Српски „Телеграф“ објави снимка од возилото со кое бил киднапиран Кајмакоски: „Напаѓачите се во бегство, пејачот пронајден“
Сите елитни единици на српското Министерство за внатрешни работи – УКП, САЈ и Жандармеријата – учествувале во драматичната акција за спасување на познатиот пејач Даниел Кајмакоски (43), кој синоќа бил киднапиран во Белград, јави српски „Телеграф“.
Сè започнало со полициска рација на улицата Караѓорѓева, кога возач на бел „Волво XC60“ не застанал на наредбата од полицијата и започнал бегство во правец кон Бранков мост. Брзо било утврдено дека се работи за киднапирање на познатиот пејач.
View this post on Instagram
При обидот да го запрат возилото, напаѓачите ја пробиле полициската блокада и започнала потера низ градот, движејќи се кон Палата Србија, Арената, па потоа кон автопатот во насока на Шид.
„Во текот на потерата, напаѓачите со пиштол му се заканувале на Кајмакоски и побарале 20.000 евра за неговиот живот. Дополнително се заканиле дека нивни соучесници, кои наводно го надгледуваат неговиот дом, ќе ѝ наштетат на неговата сопруга и деца“, пишува „Телеграф“.
По поминувањето на патарината Шимановци, возачот направил грешка под притисокот од полицијата и кај исклучувањето за Рума удрил во заштитна ограда. Двајца вооружени напаѓачи побегнале во темнината, додека полицијата во возилото го пронашла врзаниот Даниел Кајмакоски.
Теренот околу Рума моментално е под целосна блокада. Специјалците од САЈ и Жандармеријата користат службени кучиња и најсовремена термовизиска опрема во потрагата по бегалците, кои, според исказот на жртвата, комуницирале на турски јазик.
Вишото јавно обвинителство го квалификувало случајот како киднапирање, пишува „Телеграф“.
Македонија
СДСМ бара одговори: Како пет тони дрога ја поминаа границата без да се забележи
По случајот со заплената на 5 тони дрога во Србија, за која постојат индиции дека потекнува од Македонија, СДСМ повикува на одговорност од институциите и посочува на можен организиран криминал со политичка поддршка.
„Цела недела помина без одговор: како е можно 5 тони дрога да ја поминат македонската граница без никој да одговара?“, прашуваат од СДСМ во денешното соопштение, посочувајќи дека ваков криминал не може да се одвива без логистика, поддршка и заштита од структури на власта.
Од партијата потсетуваат дека на граничните премини постојат камери од проектот „Сејф сити“, скенери, мобилни царински служби и други форми на контрола, што, според нив, ја прави невозможна ваква пратка да помине незабележано.
СДСМ истакнува дека случајот во Србија, според информации во медиумите, е поврзан со владејачката партија СНС – сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, како и со државни функционери.
„Ова е организиран криминал со политичка заштита. Кој во врвот на власта, во МВР, Царината и другите надлежни институции е соучесник?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за дефокус: „Наместо одговори, гледаме обиди на власта за дефокус преку медиумски кампањи, со цел политичка злоупотреба и напади врз СДСМ.“
СДСМ порачува дека „картелскиот скандал води до врвот на власта“ и дека мора да има одговорност.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис
Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на експремиерот Заев на социјалните мрежи, во која тврди дека владејачката партија шири лаги.
„Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт – дрога.
Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.
Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?
Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?
Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?
Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

