Македонија
Георгиевски: Општина Илинден е една од најбрзорастечките општини и покрај немањето поддршка од централната власт
„Во однос на предизвиците Илинден не беше одмината од таа економска криза, бевме пред голем предизвик може за разлика од другите општини, Илинден е општина што има јавни претпријатија и што и те како се битни и кои овозможуваат прво Јавното комунално претпријатие ја покрива целата територија на Општина Илинден и Јавното комунално претпријатие за водовод Илинден каде покрива над околу 10 илјади приклучоци на територија на oпштина Илинден, Петровец и дел од oпштина Гази Баба“, истакна градоначалникот на oпштина Илинден, Александар Георгиевски на денешната дебата на тема „Локален економски развој“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина кој е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените.“
Тој продолжи и додаде дека и без поддршката од централната власт и со затечена каса во минус, Општина Илинден сепак покажа и докажа дека е една од најбрзо растечките општини.
„Кога почна економската криза само во тој дел кај Јавното комунално претпријатие за водовод имавме криза каде месечните износи за електрична енергија која требаше да ги плаќа претпријатието беа поголеми од вкупниот приход на претпријатието. Во такви ситуации, во ситуации на голема инфлација без поддршка од централната власт и со затечена каса во минус Општина Илинден изминатиов период од 2 години покажа и докажа дека е една од најбрзорастечките општини“, кажа Георгиевски.
Тој се осврна и на реализираните проекти во изминатите 2 години во Општина Илинден и додаде:
„Општина Илинден изминативе години реализираше многу проекти. Како што кажав ќе започнам од делот на патната инфраструктура каде во овој период само асфалтирани се над 40 илјади квадрати плус негде пробиени улици со тампони во должина од над 26 километри и 3,5 километри пешачки патеки. Во делот на животната средина затоа што Општина Илинден особено вложува во тој дел во изминатиот период можам да кажам дека на неколку локации се работеше на нови системи за одводнување, на фекална канализација и заврши комплетно двата крака на Илинден – Марино колекторот во должина од 4,800 метри, се започна со делот на влезот на Илинден на тотално нова канализација, примарна мрежа од 4,200 метри, работи на помали други линии или во тотал над 23,500 метри фекална канализација плус на тоа нови 3,000 метри водоводни линии. Изминатиов период пуштивме во употреба и две пречистителни станици едната беше во Кадино а другата во Марино“, вели Геориевски.
Георгиевски истакна дека се фокусирани за изградба на еден мал стадион во Илинден, за прв пат Илинден од своето постоење изготви субвенции за индивидуални спортисти, над 40-тина спортисти се здобија со тоа, за прв пат субвенции за инвертер клими, за новороденче, велосипеди, млади претприемачи.
„Изминатиов период имавме многу проекти пуштивме комплетно ново училиште од темел изградено за капацитет од 450 ученици минатата година, за прв пат во општина Илинден се воведе целодневна настана и целодневен престој за ученици. Проширување на градинката со нови капацитети кои кога ќе бидат завршени изминатиот период во општината ќе има нула деца на листа на чекање. Не застануваме тука, проектираме и нови градинки каде оној нов прилив на ново население да бидеме спремни да го прифатиме. Сме фокусирани за изградба на еден мал стадион во Илинден, за прв пат Илинден даде од своето постоење субвенции за индивидуални спортисти, над 40-тина спортисти се здобија со тоа, за првпат субвенции за инвертер клими, за новороденче, велосипеди, млади претприемачи“, заклучи Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вработен во МВР фатен со мито од 12.500 евра
Вработен во Министерството за внатрешни работи е фатен со мито од 12.500 евра, соопшти министерот Панче Тошковски. Како што вели тој, лицето И.М. било вработено како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничениот е лишен од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, соопшти Тошковски.
При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.
Министерот додава дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.