Македонија
Георгиев до ЕУ: Не е можно да се промени договорениот европски консензус, очекуваме РСМ да ги исполни своите обврски
Не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти. Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра волја. Oва го напишал бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во писмо до своите европски колеги.
Бугарија изразила растечка загриженост за, како што се наведува во писмото, континуираниот неуспех на Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски кон Европската Унија.
Во своето писмо, како што пренесува „Бгнес“, министерот Георгиев ги информира своите колеги од земјите членки на Европската Унија, како и од европските институции, дека Македонија наводно се обидува да компромитира важни елементи од европскиот консензус.
„Пакет-договорот одобрен во јули 2022 година на европско ниво останува единствениот можен пат напред за оваа земја кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопјe“, се вели во писмото.
Како што се додава, Бугарија останува на ставот дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

