Македонија
„Георгиев и Мемети се само дел од криминално судскиот октопод“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС и ДУИ се причината поради која денеска правосудството е корумпирано. Наке Георгиев и Иџет Мемети се остатоците од криминалната влада на СДС и ДУИ. Георгиев и Мемети се само дел од криминално судскиот октопод“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наке Георгиев и Иџет Мемети се ситни криминалци во споредба со крупните криминалци од владата на СДС и ДУИ за кои институциите треба конечно да се охрабрат и да истражат дали од позиција на функција и моќ влијаеле врз судски одлуки и се стекнале со материјална корист.
САД, Европската комисија и сите меѓународни институции јасно укажуваа и нотираа во сите истражувања и извештаи дека правосудниот систем е корумпиран и дека Македонија нема напредок во борба со криминалот и корупцијата, само СДС и ДУИ се правеа при очи слепи, при уши глуви.
Денеска број еден тема наместо нови инвестиции во Македонија, е апсењето на Наке Георгиев кој во моментот на земање мито е приведен.
Со инсталирање на свои корумпирани кадри, Ахмети и Ковачевски го доведоа правосудниот систем во целосен хаос.
Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше дека ниската доверба на граѓаните во судството е поради висок степен на криминал и корупција, излезе на површина.
Во која европска држава врховниот судија кој треба да ги почитува законите, да суди и носи одлуки согласно законите, зема мито и се обидува да влијае врз судски процес, односно влијаел за да се донесат олеснителни околности во случајот за екс градоначалникот на Ново Село од СДС, Боро Стојчев.
Криминалот и корупцијата во Македонија се резултат на неказнивост и директна спрега меѓу власта на СДС и ДУИ и правосудните органи.
Но, добро е што ова завршува. Важно е што институциите со промена на власта ќе се ослободат и конечно ќе работата во интерес на државата и граѓаните.
Секој кој што се огрешил пред законот и стекнал материјална корист од позиција на моќ и функција и влијаел врз правдата и владеењето на правото ќе одговара. Само така Македонија повторно ќе биде правна држава!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

