Македонија
Георгиески: Изненаден сум од изјавата на министерката за култура за одземање на ингеренциите на Општина Охрид
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вели дека е изненаден од изјавата на министерката за култура, Ирена Стефоска, за одземањето на ингеренциите на Општина Охрид, која, според неа, нема волја за заштита на културното наследство.
Тој вели дека за тоа не постојат законски услови и дека ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари.
„Изненаден сум од изјавата на министерката за култура за одземањето на ингеренциите на општина Охрид. Прво, таква законска можност каква што таа кажува воопшто не постои. Имено, според законот, централната власт на локалната власт може условно да и ги одземе ингеренциите само за одреден предмет или за конкретен случај, а не целосно. Тоа може да го направи само во случај ако локалниот инспекторат не постапува па надлежноста ја презема државниот. Досега по сите предмети согласно нашите ингеренции сме постапувале и немало барање односно потреба за интервенција на државниот инспекторат. Второ, од денот кога е донесен планот за управување, Општина Охрид во целост го почитува и спроведува, нема ниеден случај во кој сме постапиле спротивно на планот. Трето, ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои повеќе пати ги бараме“, вели градоначалникот.
Тој вели дека овие средства се потребни за да се имплементираат сите препораки за рушење на сѐ она што е законски издржано и маркирано како значителен штетен импакт кон езерото и животната средина
„Сѐ што досега беше во рамки на можностите на општината направивме и покажавме храброст и решителност и отстранивме сериозен дел од објектите. За крај, ако министерската алудира на тоа дека општината недоволно се ангажира за заштита на културното и природното наследство, јас одговорно тврдам дека за две и пол години колку што јас сум градоначалник се направени повеќе активности во насока на заштита отколку за последните 20 години“, вели Георгиески.
За крај, додава тој, верувам дека министерката, исто како и сите ние, сака да го заштити регионот. „Сепак, како член на владата споделува одговорност за тоа па затоа сметам дека би било далеку поконструктивно да се вклучи активно во надминување на проблемите. Верувам дека е добро заеднички да работиме за надминување на состојбите за што желба кај сите нас постои“, напиша Георгиески на „Фејсбук“.
Вчера министерката Ирена Стефоска кажа дека ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на општини Охрид и Струга затоа што, според неа, немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

