Македонија
Герасимовски: Бесплатниот транспорт до здравствени установи ги опфаќа и пензионерите
Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска оствари средба со возрасните центарци од Здружението на пензионери на Општина Центар, каде што се дискутираше за проектите што се имплементираат за подобрување на нивниот квалитет на живот.
На средбата, Герасимовски ги информираше пензионерите за услугата бесплатен транспорт на неподвижни лица до здравствени установи. За оваа услуга, граѓаните треба однапред да се јават на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со поддршка на Црвениот крст, исто така, се реализира и новата услуга „Итно копче“, која овозможува брза реакција во итни ситуации за граѓаните над 65 години, особено за оние кои живеат сами или со партнер со нарушена здравствена состојба.
„Со воведување на услугите како Итно копче, нега во домашни услови и бесплатни стоматолошки прегледи, сакаме да се осигураме дека нашите пензионери имаат достапна поддршка во секојдневието. Овие средби се можност за разговор и размена на идеи, со што заедно создаваме решенија кои реално ги задоволуваат потребите на пензионерите“, истакна Герасимовски.
Во изминатите три години, Општина Центар додели еднократна парична помош на повеќе од 3.500 пензионери во вкупна вредност од над 10 милиони денари. Дополнително, преку проектот за нега во домашни услови „Центар се грижи за возрасните“, општината редовно посетува 90 домаќинства, а слободни места се сè уште достапни за нови апликанти.
Пензионерите ја поздравија поддршката што ја добиваат од општината, особено во делот на социјалната заштита. Герасимовски потсети дека во Центар функционираат осум пензионерски клубови кои служат како важни центри за дружење, размена на искуства и ангажман во различни активности.
„Животот е убав во секоја доба, а нашата должност е да ја возвратиме грижата кон оние кои со децении придонесувале за нашето општество. И годинава, организираме еднодневна екскурзија за пензионерите. Остануваме фокусирани на развивање на мерки кои ќе овозможат достоинствен и квалитетен живот за највозрасните центарци“, рече Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

