Македонија
Герасимовски: Градежниците да ги почитуваат прописите, ги засилуваме контролите на терен
Придружуван од општинските служби, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, направи обиколка на неколку градилишта во општината. Општина Центар спроведува зачестени инспекциски контроли, со цел директен увид во изведувањето на градежните работи и почитувањето на законските прописи.

„Иако имаат уредна документација за градба, по зачестените контроли, на терен увидовме дека не се почитуваат законските прописи на повеќе градилишта. Поради тие причини, на моја лична иницијатива, формиравме и нова комисија и тројно ги зголемивме инспекциските контроли. Новата комисија ќе врши целосен увид на градежните работи на активните градилишта и ќе контролира дивоградби. Тие ќе бидат одговорни да следат точно што се случува на терен, од почнување градбата до нивно завршување. Мојата цел е во општина Центар да има хумана урбанизација со почитување на законите. Неуморно работам да го одржам ветувањето пред граѓаните“, вели Герасимовски.

Покрај контролите за дивоградби и за одвивање на градежните зафати кај легалните објекти со одобренија за градба, комуналните инспектори од Општина Центар изминатите неколку недели спроведуваа контроли во согласност со Законот за јавната чистота. На терен изведувачите се информираат за насоката градежните објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена и да не се пали и уништува смет. Инспекцијата апелира и граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено за греење на работниците. Сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат чисти и измиени тркала и да се покриени со церади поради контрола на прашината.

Според извештаите од комуналната инспекција, известени и контролирани се 20-ина градилишта, утврдени се неколку неправилности и санкционирани се превозници со валкани тркала. Извршени се повеќе вонредни надзори по пријави од граѓани, при што изречени се 3 глоби на правни и одговорни лица во вредност од 1.300 евра за оставање градежен шут на јавни површини и неизградено градежно земјиште во приватна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

