Македонија
Герасимовски до Град Скопје: Преполните контејнери се потенцијална зараза, чистете ги навреме
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го повикува Град Скопје редовно да го чисти ѓубрето во општината особено за време на високите температури. Герасимовски алармира дека вреќи и купишта ѓубре има на многу делови во општината од кои се шири неподнослива миризба.
„Вреќи и куп ѓубре околу контејнерите не само што е лоша слика за гледање туку на овие високи температури тоа е потенцијална зараза и неподнослива смрдеа. Минатото лето сите бевме сведоци на иста ваква слика па бевме принудени сами да си ангажираме механизација и покрај локалните улички чистевме и онаму каде тоа требаше да го направи градот. Да не дозволиме оваа слика да не прогонува секое лето. Замолувам за редовно чистење и миење на улиците. Граѓаните ниту имаат каде да поминат ниту можат прозорци да отворат во вечерните часови. Тие не го заслужуваат ова“, алармира Герасимовски.
Општина Центар често добива поплаки од граѓаните за преполни контејнери на локации кои се во надлежност и ингеренции на Градот Скопје, а не на општината, истакнуваат во нивната информација.
Цистерната на општинското претпријатие ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, како што појаснуваат, секое утро ги мие улиците, а општинските служби секојдневно метат во различни населби, денеска косат трева и собираат смет во населбата Крњево и околу Зелениот пазар.
Општина Центар апелира, градот да си направи системско решение за навремено извршување на обврските според ингеренциите. Граѓаните редовно плаќаат сметки и заслужуваат чиста средина, потенцираат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

