Македонија
Герасимовски: Изборот на Валентина Ангелковска за најдобар одделенски наставник во земјата е уште едно признание за квалитетот на образованието во Центар
Општина Центар го има најдобриот просветен работник во категоријата одделенски наставници за 2021/2022 година на ниво на целата држава. Валентина Ангелковска е наставник во ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар и денеска доби признание и плакета од Министерството за образование и Сојузот на просветните работници на Република Северна Македонија, Скопје.
По повод Светскиот ден на просветните работници градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски од училиштето ООУ „Киро Глигоров“ каде се делеа признанијата и плакетите за најдобри просветни работници од предучилишно, основно и средно образование, им го честиташе празникот на сите наставници, професори и воспитувачи.

„Наставниците се најважната алка во воспитно – образовниот процес и од нив, од нивната креативност и мотивираност најмногу зависи квалитетот на генерациите кои излегуваат од училишните клупи. Вашата улога во втемелувањето знаења е незаменлива затоа со големо задоволство ви го честитам 5-ти Октомври, Светскиот ден на учителот. Во оваа прилика и ја честитам наградата за најдобар просветен работник за 2021/2022 година Валентина Ангелковска која е од нашата општина и е одделенски наставник во ООУ „11 Октомври“. Оваа награда нека биде уште поголем мотив за неа и нејзините колеги за нови достигнувања и успеси“, изјави Герасимовски.
Воедно Герасимовски по повод Детската недела во Паркот на Франкофонијата присуствуваше на манифестацијата на која 606 првачиња од Општина Центар положија свечена заклетва. Општина Центар организираше церемонија на која по заклетвата дека ќе бидат вредни и успешни ученици, ќе ги слушаат наставниците и ќе постигнуваат резултати им подели и прикладни подароци.

„Чест ми е што денеска сум пред вас и имам можност да ви кажам дека вие сте ни радоста, гордоста и иднината. Вложувањето во вас е вложување во подобро утре за сите нас. Денеска на ова свечено давање на заклетва сакам да ја истакнам вредноста на образованието не само во подоцнежниот напредок туку и во личниот развој како индивидуа. Сите вие имате еднакви права за образование, затоа разбудете ја жедта за учење за да можете мудро да одговорите на предизвиците кои следуваат. Наше е да ве научиме да ги спознаете вистинските вредности во животот, да ви обезбедиме достоинствени услови и квалитетно образование“, изјави Герасимовски на церемонијата.

Со денешната заклетва првачињата станаа членови на најголемата Детска организација каде имаат сопствени права кои треба да бидат слушнати и почитувани. Притоа тој им порача слободното време да го минуваат во дружење, спортување и учење, но да не заборават дека моќта на успехот е во знаењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

