Македонија
Герасимовски: Инсталираме централи со моќност од 2,44 мегавата, поврат на инвестицијата е 4,5 години
„Енергија Центар“ е називот на трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, чие формирање го изгласа вчера Советот во Општина Центар. Станува збор за општинско претпријатие, кое ја овозможува и олеснува процедурата и постапката за инсталирање поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти, односно основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти под надлежност на Општината. Трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Општина Центар ќе врши дејности врз основа на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека со месеци Општината и тој како прв човек на општинската администрација остварил многубројни средби со експертски тимови и стручни лица, при што се водело сметка за сите детали пред да се стави точката на дневен ред.
„Баравме начин како да го формираме претпријатието, дали да биде јавно претпријатие, дали да биде трговско друштво, колкава инвестиција бара, за колку време се враќа, кои се ризиците и бенефитите. Ние првично бевме со идеја да поставиме фотоволтаични централи само за сопствени потреби. Меѓутоа, сите овие анализи, на сите овие состаноци, стручните тимови и експертите ни даваа насока и покрај сопствените потреби и имањето големи вишоци, тие да се продаваат. Идејата беше покрај покривањето на трошоците за електрична енергија да се оствари и профит од тоа. Бидејќи самото трговско друштво нема средства при формирањето, затоа издвоивме околу 3 милиони денари за да почнеме. Баравме начини и како да се скратат трошоците на самиот почеток, затоа со него ќе управува човек што во првата година ќе го води процесот, без никаков надоместок. Дополнително, некои од канцелариите во катната гаража ќе ги приспособиме за првично функционирање на претпријатието за да не се трошат пари за кирии преку најмување канцелариски простории. Се разбира, не можеме првата година да ставиме фотоволтаици на сите објекти, но планот е да се почне и понатаму да функционира претпријатието. Исто така, од сите средби со експертските тимови, нивните анализи ни покажуваа дека многу бргу финансиските средства се враќаат“, рече Герасимовски на вчерашната седница.
Економските анализи за оправданоста за формирање трговско друштво за производство и продажба на електрична енергија, на која се повикува градоначалникот Герасимовски, е водена од Драган Миновски, професор на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со негов тим на професори, магистранди и магистри од Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Факултетот за електротехника и информациски технологии при „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За потребите на проектот се користел софтвер за 3Д-симулација (PV*SOL premium) за проектирање на фотоволтаичните системи на јавните објекти и генерирање податоци за часовно и годишно производство на електрична енергија од нив, месечна потрошувачка на електрична енергија на јавните објекти, стандардна распределба на потрошувачка на електрична енергија и алатка за финансиска исплатливост на проектите.
Според спроведената анализа, вкупната максимална инсталирана моќност на сите детски градинки, основни училишта во општина Центар и ЈП ПОЦ е 2,44 мегавата, а вкупната инвестиција за инсталирање фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност е околу 1.755.000 евра.
Просечната исплатливост на проектите за поставување фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност на сите анализирани јавни објекти во општина Центар со 100 % сопствено учество е 3,77 години, а просечната исплатливост на проектите за поставување фотоволтаични системи со максимална инсталирана моќност со 70 % кредит и 30 % сопствено учество е 4,34 години.
Важно е да се напомене дека трошоците на Општината на годишно ниво би се намалиле од 1.765.000 евра на 644.000 евра или околу 63 % земајќи го предвид производството и продавањето на вишоците електрична енергија. Исто така, со поставување фотоволтаични системи се избегнуваат околу 1.500 тони јаглероден диоксид на годишно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

