Македонија
Герасимовски и советниците спречија изградба на зграда: „Безбедноста на граѓаните на прво место“
На предлог на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, Советот на општина Центар со 19 гласа „за“ и и еден воздржан донесе одлука за суспендирање на примената на градежна парцела во рамки на ДУП „Буњаковец 1.
Причината за суспензијата е изградба на објект чија реализација може да предизвика сериозни безбедносни и правни импликации. Градежната парцела се наоѓа на аголот на булеварите Климент Охридски и Митрополит Теодосиј Гологанов, а единствениот пристап до неа минува покрај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, каде се наоѓа резервоар со запаллива материја која се користи за греење, што претставува ризик од пожар и бара изработка на посебен елаборат со еколошки анализи и согласности, известува Општината.
Пристапот исто така минува преку подземни инсталации кои ја снабдуваат целата населба и студентскиот дом, како и преку објекти легализирани во минатото, пред повеќе години, за кои е потребна постапка за нивно отстанување , процес кој може да предизвика долги и комплексни правни последици.
Општината повеќе од две години работи на соодветно решавање на овој случај, но досегашните барања за соодветен сообраќаен проект не беа уважени од соодветните институции.
Поради тоа, се предлага суспензија за градење на конкретната градежна парцела се додека не се обезбедат безбедносни и правно сигурни услови за пристап и реализација на објектот, се наведува во соопштението на Општината.
„Мојот приоритет е безбедноста на граѓаните и инфраструктурата. Нема да дозволам да се загрози безбедноста на жителите на Центар, но истовремено ќе внимаваме да се заштитат интересите на сите инволвирани страни. Важно е да бидеме целосно сигурни дека сите услови се исполнети за да може да се гради објектот.Во меѓувреме, подготвуваме нов ДУП кој ќе ги реши овие прашања и ќе овозможи безбеден и законит пристап до парцелите“, истакна Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.

