Македонија
Герасимовски: Конкурсните решенија за „Треска“ не се финални проекти, туку само идеи, неусогласени со ДУП-от и законите
Трите конкурсни решенија за просторот кај „Треска“, кои беа направени набрзина, не може да се применат во целост бидејќи не се усогласени со ДУП-от, како и со имотно-правната сопственост, односно не се во согласност со важечките законски прописи. Не постои закон со кој се утврдува конкурсно решение да биде вметнато во ДУП-от, а во случајот не станува збор за финални проекти, туку само идеи или предлози за нешто што би можело да се направи на локацијата.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ги наследи овие конкурсни решенија, кои беа распишани по барање на претходниот Совет во Општината пред тој да стапи на функцијата. По преземањето на функцијата, Герасимовски направил широка консултација со службите и правниот сектор за овие решенија и нивната применливост. Конкурсот, иако бил распишан по барање на претходниот Совет, никој не проверил дали очекуваните конкурсни решенија законски е возможно да бидат целосно вградени во идни плански документи.
„Овде имаме ситуација каде што предложените решенија воопшто не кореспондираат ниту со сопственоста ниту, пак, идејните решенија кореспондираат со актуелниот ДУП. Во суштина, ќе се направи обид да се искористи максимум од идејните решенија, но не може да се применат во целост, односно во постапката за донесување ДУП Градска четврт З-11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2 секако дека ќе се земат предвид конкурсните решенија, но крајното решение за овој опфат ќе се решава интегрално како дел од опфатот на целиот ДУП, а ќе зависи и од другата законска регулатива што имаме обврска да ја почитуваме, како и параметрите од ГУП на Град Скопје“, вели Герасимовски во интервју за „Локално“.
Дека трите конкурсни решенија не може да бидат вградени во идните плански документи, констатирала и жири-комисијата, која ги оценувала конкурсните идејни проекти, вели градоначалникот на општина Центар.
„Како што е евидентно и во самиот извештај, сите три понудени идејни решенија на конкурсот не соодветствуваат со зададените параметри, при што дури и прворангираното идејно решение ја надминува дозволената катност за 3 ката (предвидува комбинирана катност од четири и осум ката); второрангираното предвидува станбени блокови со шест ката и станбени кули со дури седумнаесет ката, а во треторангираното предвиден е вертикален елемент – кула од 71 метар со намена хотел. Наспроти ова, на опфатот ‘Треска’, ДУП-от предвидува максимална катност од приземје плус 5 ката или максимална висина од 16 метри. Иако висината не е единствениот параметар што се гледа урбанистички, сепак понудените конкурсни решенија излегуваат од важечката регулатива поради што може да се користат само во делови“, изјави градоначалникот.
Герасимовски вели дека идејните конкурсни решенија веќе биле достапни во јавноста, освен на страницата на Општината, каде што беа објавени, тие може да се најдат и во интернет-просторот, како, на пример, на страницата на „Македонска архитектура“ на следниот линк: https://marh.mk/izvestaj/ заедно со нивна визуализација, како и целосниот извештај на жири-комисијата за избор на идејно решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

