Македонија
Герасимовски отпадот ќе го истовара на плац на фирма, па во Дрисла за да се забрза процесот, најави мобилизација на службите во Центар
Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска одржа состанок со Штабот за заштита и спасување кадешто се донесоа итни одлуки за справување со кризата со сметот во Центар. Тој потенцира дека се прави мобилизација на сите служби и ресурси на општината и на ПОЦ.
„Од денес, сите вработени во Општината Центар и во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ добиваат конкретни задачи за решавање на оваа криза. Ги редуцираме сите други активности на минимум, ги пренасочуваме вработените да ги спроведат сите мерки за менаџирање на овој проблем. Ова е момент кога секој јавен службеник мора да покаже одговорност. Ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации. Апелирам граѓаните да не го одлагаат сметот на улиците околу контејнерите, туку во нив. Со тоа ќе овозможиме побрзо собирање и полесна контрола на ѓубрето“, рече Герасимовски.
Тој, информира дека ЈП „ПОЦ“ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Герасимовски ги повика сите ресторани, кафулиња и локали во Центар да го одлагаат отпадот на локации каде контејнерите не се преполни и да го ставаат во двојни, или тројни кеси со цел да биде подобро заштитен. За ова ќе има информација веќе утре за тоа кои се локациите, а сите угостители ќе бидат директно информирани.
Герасимовски, вели дека се реализира нов начин на дистрибуција и депонирање на сметот.
„Најголемо тесно грло ни е Дрисла, возењето дотаму и назад, како и чекањето за растовар, одземаат многу време и ресурси. Затоа правиме промена: камиончињата ќе растовараме сметот на плац на општествено одговорна фирма која ни излезе во пресрет, а потоа со големи камиони ќе оди кон Дрисла. Со ова очекуваме да го забрзаме целиот процес“, истакна Герасимовски.
Тој, посочи дека викендов ќе се спроведе итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките. Општината врши вонредна дератизација, кадешто во сите 1980 шахти се фрла сертифициран препарат, но потребно е да се изврши и дератизација во сите згради.
„Општината ќе организира средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени големи, бесплатни кеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација. Испраќам отворен повик до сите компании да помогнат со механизација, камиони и логистика. Ова е момент кога треба да покажеме оппштествена одговорност и солидарност. Барам масовна акција затоа што ни се заканува сериозен здравствен ризик, ова веќе не е прашање само на хигиена, туку се во ризик нашето и здравјето на нашите деца“, додаде Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека ова не е време за политика, туку за одговорност и работа, и дека како градоначалник го редуцира на минимум своето непосредно учество во предизборната кампања која сега ќе ја води неговиот штаб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

