Македонија
Герасимовски: Центар е нова приказна, целосно реновирани сите училишта, учениците добиваат два затворени базени
Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вечерва пред центарци истакна дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината.
Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.
„Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени“, рече Герасимовски.
Потенцираше дека во ова, како што рече, невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.
„Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме“, изјави Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

