Македонија
Герасимовски ќе им ја претстави иницијативата на Лога и Бочварски, конфискуваните дивоградби да ги користат граѓаните
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, пред ресорните министри за правда и транспорт и врски ќе ја презентира иницијативата – нелегалните објекти, наместо да се рушат, да се вратат во служба на граѓаните.
Тој утре и в понеделник на министрите Кренер Лога и Благој Бочварски ќе им ги презентира причините и потребите иницијативата да се имплементира во законски решенија бидејќи, како што вели тој, таа е нужна не само за општина Центар туку и на сите општини во државата.
Целта на иницијативата е да најде и произведе решение и можност бесправно изградените објекти, наместо да се рушат, како што налагаат досегашните законски норми, да се пренаменат во функција на општината.
„Според постојниот закон, на нелегалните објекти со динамит им се рушат потпорните ѕидови по што останува грда слика на просторот. Такви дивоградби во општината има неколку. Колку за илустрација, за една градба на Водно потребни се 5 милиони денари за уривање, но само онеспособување, а не целосно отстранување на нелегалниот објект. Затоа со оваа иницијатива ќе се штеди буџетот на Општината, но и ќе се добијат нови објекти, кои понатаму може да бидат пренаменети за разни цели и намени од кои полза ќе имаат граѓаните“, изјави Герасимовски.
Герасимовски побара средби со Бочварски и Лога бидејќи двата закона, во кои треба да се интервенира доколку се прифати иницијативата, како предлагачи се јавуваат двете министерства. Станува збор за Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка за кој како предлагач на законските измени е Министерството за правда, и за Законот за постапување со бесправно изградените објекти за кој како предлагач на законските измени е Министерството за транспорт и врски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.