Македонија
Герасимовски: 3.000 пакетчиња за децата и предновогодишна забава на „Боемска 1“ во Дебар Маало
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во гостување на националниот сервис МРТ 1 најави богата предновогодишна програма, која ќе се одржи на 29 и 30 декември на улицата Боемска 1 во Дебар Маало. На 29 декември предвидена е детска програма со почеток од 11 часот, каде што со музички точки и театарски претстави ќе настапуваат дечиња од градинките и учениците од сите основни училишта во Центар. А на 30 декември предвидена е забавна програма, која ќе почне од 15 часот.
„По повод организацијата на предновогодишната забава на самата улица Боемска 1, некои од кафеаните ќе имаат изнесено маси и буриња како шанкови, каде што граѓаните ќе може да се напијат чајче, сокче или што им е желба, и тоа по пониски цени, а на 30 декември ќе има забавна програма, на која ќе настапат Фиц од ‘Студени нозе’, Дац и Александар Мицевски, ‘Тамбураши’ и Драган Б. Костиќ. Така што ги покануваме сите. Ќе имаме одлична забава и добра дружба да ја испратиме 2022 и да си посакаме поубава и побогата 2023 година“, изјави Герасимовски.
Герасимовски исто така во МРТ 1 изјави дека во тек е и подарувањето на 3.000 пакетчиња. кои се донаторска акција на општествено одговорните компании и пријатели на Општина Центар.
„Од вчера имаме донација од 3.000 пакетчиња и тоа е најголема бројка што досега ја донирала Општината за најмладите. Пакетчињата почнавме да ги делиме вчера во неколку болници, денеска исто така сме во болницата во Козле и ќе се делат и в четврток и в петок со цел нашите дечиња да ги добијат навреме пред доаѓањето на новата година“, изјави Герасимовски.
Општина Центар упатува искрена благодарност до донаторските компании, кои обезбедија пакетчиња за детските градинки, Дневниот центар за церебрална парализа во Киро Глигоров, за дечињата во Детската Клиника, во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Здружението на слепи лица со оштетен вид, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, Здружението на граѓани за хуманитарна помош ЗАЕДНИЧКИ ДОМ за мајки и деца од Украина и за дечињата во Центарот за Даунов синдром.
Општествено одговорните пријатели на Општина Центар исто така го овозможија и реализирањето на новогодишната програма на улицата Боемска 1, со што нема да бидат потрошени средства од општинскиот буџет. Општина Центар останува посветена на негување блиски односи со пријателите затоа што нивите дела прават значајни работи за општината и за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

