Македонија
Герасимoвски: Славејќи го францускиот јазик, ги зголемуваме културната различност и вредностите што обединуваат
По повод одбележување на Месецот на франкофонијата, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, беше домаќин на завршниот настан садење дрвја во Паркот на франкофонијата.
На настанот присуствуваа амбасадорите на Франција Албанија, Бугарија, Франција, Грција, Романија и Швајцарија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, почесни конзули на земјите франкофони, резидентни во Скопје, Канада и во Белгија, како и ученици од француските паралелки и Францускиот институт, директори на училишта родители и други присутни.
„Ми претставува особено задоволство што денеска имам чест да го отворам овој настан токму од овде од Паркот на франкофонијата, кој сведочи за негување на француската култура во земјата. Мило ми е што сум меѓу толку многу луѓе, обожаватели на делата на Моне и јазикот на Молиер, кој и нас нè обединува во семејството на франкофонски земји“, истакна Герасимовски во своето обраќање.
Тој исто така потсети за проектите што го негуваат францускиот јазик и култура, кои Општина Центар ги организира во соработка со Францускиот институт.
„Францускиот јазик во општина Центар ги обединува наставниците по француски јазик и учениците од основното училиште ‘Димитар Миладинов’, кои организираат настани или француски натпревари, како и учениците од другите училишта, кои учат француски јазик и преку него ја спознаваат француската култура и народ. Францускиот јазик од рана возраст го спознаваат и децата од градинката ’13 Ноември’, кои преку сликовници ги развиваат љубопитноста и интересот за изучување странски јазици“, истакна Герасимовски.
Притоа Герасимовски напомена дека Општина Центар ќе остане посветена да ја негува франкофонијата преку едукативни настани и програми што ќе го збогатат знаењето кај децата и ќе ја зголемат употребата на францускиот јазик. На настанот свои обраќања имаа и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кои заедно со Герасимовски засадија дрвја како симболика на соработката и негувањето на франкофонијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

