Македонија
Гимназија „Алгоритам“ одбележува 15-годишнина
· 15 години создавање среќни приказни и успеси на ученици и професори.
· Настан во Македонска филхармонија на 25.4.2023
· Посветени на вредностите на општествената активност.
· Настава според финска методологија.
· Индивидуален пристап и демократичност во наставата.
· Прва приватна гимназија со наставен материјал во дигитална форма.
· Соработка со образовни институции во земјата и странство.
· Образовни проекти поддржани од ЕУ.
· 900 награди на домашни и меѓународни натпревари.
· 300 реализирани проекти.
Со особена радост и гордост сакаме да споделиме со вас дека Гимназија „Алгоритам“ прославува 15 години од своето постоење, што ќе го одбележиме со пригоден настан на 25.4.2023 година, со почеток од 19:30 часот, во Македонска филхармонија.
„Алгоритам“ е првата гимназија во нашата земја во којашто од самото основање целиот наставен материјал е во дигитална форма. Се користи финска методологија во наставата т.е. демократичност при изведување на наставата, транспарентност, постојана комуникација со родители, работа во мали групи, индивидуален пристап, насочување и практични знаења ‒ што дава одлични резултати коишто се потврдуваат веќе 15 години.
За заложбите и успесите на учениците и наставниот кадар на „Алгоритам“, говорат досега освоените над 900 награди на домашни и меѓународни натпревари, како и бројката на над 300 реализирани проекти. Само во тек на оваа учебна година учениците на „Алгоритам“ освоија над 50 награди во различни области, меѓу кои и математика, биологија, англиски јазик.
Покрај многуте предности својствени за нас, меѓу кои е се и современите модерни простории во центарот на град Скопје, е и тоа што Гимназијата „Алгоритам“ има соработка со многу образовни институции, во нашата земја и во странство, и работи на повеќе образовни проекти финансирани од ЕУ. Годинава се оствари соработка со средно училиште од Копенхаген, Данска, чиишто ученици при посетата на нашата гимназија беа пријатно изненадени од начинот на работа којшто може да се спореди со скандинавските училишта. Исто така, оваа недела гости во гимназијата се професори и ученици од Хрватска, Словенија и Романија со кои се работи на проект за креирање интердисциплинарани наставни материјали во сферата на природни науки, роботика, програмирање и култура, како и за изготвување „Зелени решенија“.
Гимназија „Алгоритам“ и оваа година е СуперУчилиште, што е резултат на соработката со Региналната канцеларија за соработка на млади и со приватната ИТ Гимназија од Нови Сад, со кои се работи на проект за градење мир и соработка меѓу младите од Западен Балкан. Во рамките на овој проект се работи на веб-страна за креирање содржина за учење знаковен јазик и Брајова азбука.
На настанот по повод одбележување на 15-годишнината ќе се доделат признанија за учениците кои оваа година постигаа значајни успеси меѓу кои и две ученички кои ќе го претставуваат Алгоритам на Светската олимпијада по биологија во Дубаи. Воедно, ќе имаме можност да ја проследиме премиерата на претставата „Приказнологија“ по сценарио и во режија на поранешен ученик на Гимназија „Алгоритам“, Никола Симоноски, а под менторство на професорот Горан Станикевски-Горјански. Во претставата ќе учествуваат сегашни и поранешни членови на драмската секција на Гимназија „Алгоритам“.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

