Македонија
Гир: Од вашите политички фактори зависат следните чекори кон евроинтеграциите
Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека Северна Македонија има многу силна поддршка за европската иднина и од институциите на ЕУ, но и од земјите членки на ЕУ.
Гир изрази надеж дека земјата ќе се придвижи напред со усвојување на уставните измени и со спроведување на реформите.
„Како што знаете, со последната одлука што беше донесена во јули 2022 година имаше еден европски предлог што беше усогласен и, всушност, беше можност за отворање на пристапните преговори со вашата земја. Од друга страна, ова беше можност земјата да се придвижи напред и, се разбира, за да се придвижи, треба да се усвојат уставните измени. Навистина искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред со усвојување на уставните измени, исто и со спроведување на реформите, што всушност се дел на европскиот интегративен пат на вашата земја. Што се однесува на следните чекори, се разбира дека тоа се одлуки што треба да се носат од страна на вашата земја, на политичките фактори, не е на Советот на ЕУ, ниту од земјите членки на ЕУ“, изјави Гир, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, беше во посетата на компанија во Скопје.
Прашан за коментар за застарувањето на делото од предметот „Таргет – Тврдина“, тој рече дека не може да коментира.
Нагласи дека ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик е јасен и не е сменет.
Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.
„Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања што се поврзани со судството, се разбира, и сите измени или последици што произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата“, рече Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

