Македонија
Ги отфрламе лажните обвинувања, Арсовска од Градот Скопје направи нефукционална институција: реагира Министерството за транспорт
Ги отфрламе паушалните и лажни обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која уште еднаш покажа дека од Градот Скопје направи нефукционална институција, реагираат од Министерството за транспорт и врски, на прес-конференцијата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Данела Арсовска да ги води политичките игри и пресметки на друго место и на други теми и да не го вовлекува Министерството за транспорт и врски во креирањето на урбанистичките планови кои согласно закон се во изворна надлежност на општините. Министерството за транспорт и врски не е институција која носи урбанистички планови, ниту пак се меша во просторниот развој на општните. Ако Данела Арсовска не го знае ова, нека се информира подобро од професионалци кои се занимаваат со оваа дејност“, се додава во реакцијата од ресорното министерство.
Според увидот што го направи Министерството за транспорт и врски во системот на е-урбанизам, јасно се гледа, како што велат, дека Град Скопје дури 72 дена не одговара на бараното мислење во однос на предметниот ДУП.
„Согласно член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето во електорнска форма на системот на е-урбанизам. Доколку не одговори, тогаш се смета дека Град Скопје нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење“ истакнуваат од министерството.
Потенцираат дека цели 72 дена, односно 51 работен ден Град Скопје не одговорил на барањето.
„Ако од Град Скопје сметале дека планот не треба да биде донесен, имале законска можност дури пет пати и 72 дена да се произнесат негативно. Исто така сакаме да информираме дека во текот на постапката, Општината дури четири пати го доставила овој план до Минисерството за транспорт и врски, од кои три пати министерството даде известување со недостатоци, додека четвртиот пат општината ги корегира сите зададени забелешки. Согласно ваквиот тек на настаните, Комисијата за урбанизам при министерството за транспорт и врски водејќи се од одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање како и од Законот за урбанистичко планирање даде согласност на ДУП-от“, се наведува во информацијата од министерството.
Потенцираат дека донесувањето на Урбаниситичките планови не е постапка која ја води Министерството за транспорт и врски, туку согласно домашната легислатива носењето е во надлежност на Советот на општината, односно советниците се тие кои го гласаат или не го гласаат урабнистичкиот план.
Министертвото за транспорт и врски, се додава во реакцијата, ќе продолжи да работи согласно законите во Северна Македонија и нема да дозволи поединци да го вовлекуваат во евтин политички фолклор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

