Македонија
Главната сестра на инфективна: Да носиме маска, секој човечки живот е важен

Зорица Љубичиќ, која работи како главна медицинска сестра на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, порача да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот бидејќи секој човечки живот е важен.
Нејзинот апел го сподели на социјалните мрежи министерот за здравство, Венко Филипче.
„Заштитната маска веќе седми месец ми е составен дел од облеката, но и од начинот на секојдневно функционирање. Фокусот секогаш ми е на тоа да го сведувам ризикот од инфекција со Ковид-19 на минимум. Им благодарам за помошта на сите колеги кои ни беа и се поддршка во овој период и воедно порачувам на сите граѓани да не се групираме, да носиме заштитна маска, да држиме дистанца и редовно да ги миеме рацете. Затоа што секој човечки живот е важен“, апелира Љубичиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
Сончево и многу топло со температури до 41 степен

Времето денеска, сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Фото: принтскрин