Македонија
Глас за Македонија: Иванов да го искористи уставното право и да не го потпишува указот
Партијата Глас за Македонија не ја прифаќа капитулацијата на Зоран Заев како свршен чин, наведуваат оттаму преку соопштение.
Од партијата на Солза Грчева велат дека ова е само една битка во војната што мора да се добие затоа што, како што истакнуваат, овој историски, политичко-дипломатски преседан, не може и не смее да стане траен предавнички печат на еден народ, кој државата ја создал со визии и крв на многубројни генерации.
„Вчерашниот ден ќе биде запишан како најсрамниот во поновата историја на Македонија. Со комплекс на инфериорност што се обидува да му го наметне и на македонскиот народ, а како возврат за шансата да биде премиер, Зоран Заев всушност соопшти дека со договорот со Ципрас му ги исполни сите желби на нашиот јужен сосед за обезличување, обезименување и одземање на минатото и иднината на македонскиот народ“, велат од партијата.
Глас за Македонија ги повикува граѓаните, граѓанските здруженија, политичките партии, кои сакаат да ги сочуваат името и достоинството на државата, да се обединат во еден промислен и истраен процес, чија крајна цел е да се спречи овој договор да стапи во сила.
„Не смее да им се подлегне на замената на тезите, па предавството и подаништвото да се прикажува како лидерски, историски чин. Лидерство е да ја градите земјата чесно, со сопствени сили, како рамноправен партнер со Европа и светот, да го мотивирате народот со идеи и труд да се избори за подобар живот и почит од соседите и од меѓународната заедница“, стои во партиското соопштение.
Во таа смисла Глас за Македонија го поддржува претседателот Ѓорѓе Иванов во намерата да го искористи уставното право и, како што велат, должност да не го потпише указот доколку договорот Заев-Ципрас стигне во македонското Собрание и пратениците изгласаат ратификација.
Од партијата очекуваат МАНУ и сите врвни државни институции да ја преземат одговорноста за сè што може да се случи доколку договорот се реализира и Република Македонија, како што велат, влезе во црната дупка, ископана од владејачката елита и соработниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Недостасуваат 204 судии, Филков најави кадровско зајакнување во 2026 година
Во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, министерот за правда Игор Филков нагласи дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.
Надзорот спроведен од Министерството за правда покажа алармантни податоци: пополнетост на судиски места од 67% (432 од 636), судска служба со само 36% пополнетост, што директно влијае врз ефикасноста и должината на судските постапки.
Токму овие констатации, како што истакна Филков, се основа за преземање конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
„Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите”, рече Филков.
Македонија
Мицкоски објави судска пресуда: „СДСМ и формално е утврдена како клеветничка партија“
Премиерот, Христијан Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини и клевети против него.
„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија. Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, вели Мицкоски.
Според него, оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета.
„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади“, вели Мицкоски.
Тој вели дека оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници.
„Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене. СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, напиша Мицкоски.
Македонија
Бензините поевтинуваат
Од ноќеска на полноќ цените на бензините ќе се намалат за два денари, а цената на дизелот ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 19.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 19.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, се наведува во соопштението на РКЕ.

