Македонија
Годинава нема да доцнат свидетелствата, уверува Шаќири, за матурантите и полуматурантите се доставени
Оваа учебна година нема да доцни делењето свидетелства како лани кога учениците го чекаа почетокот на новата учебна година за да ги добијат. Министерот за образование Јетон Шакири вели дека Бирото за развој на образованието ги завршило сите постапки околу набавката.
„Ме радува фактот што Бирото за развој на образование ги заврши сите постапки. Според мои информации денеска го завршуваат потпишувањето на договорот според сите жалбени постапки и навремено ќе се достават сите свидетелства во основните и средните училишта. Достава веќе имаме за матурантите и за тие што завршуваат основно образование, но наредните денови, до крајот на учебната година, ќе се достават свидетелства и за сите останати. Потоа останува на училиштата да одредат кога ќе биде датумот за достава на тие свидетелства“, рече министерот Шаќири.
Минатата година навреме ги добија свидетелствата само полуматурантите и матурантите, а на сите останати, поради ненавремени тендерски постапки, Министерството им кажа дека ќе ги подели во август, но свидетелствата беа поделени во септември, по почетокот на новата школска година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се запали бутик во зграда во Карпош, огнот се прошири кон уште еден стан и два автомобили
Пожар избувна доцн синоќа во бутик во Карпош, на улицата Разловечко востание.
Бутикот кој е во сопственост на И.М.(54) од Скопје бил лоциран на приземјето од станбена зграда. Повредени лица нема.
Од пожарот била зафатена фасада од зградата, делумно зафатен стан кој се наоѓал над бутикот, клима уред и дел од прозори на уште еден стан.
Исто така, изгореле две патнички возила кои биле паркирани во непосредна близина.
Од Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил локализиран. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
(Видео) Честитка на Филипче за Водици: Во духот на солидарноста да го унапредуваме општеството
Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во мое лично име на сите православни верници им го честитам денешниот христијански празник Богојавление – Водици, порача претседателот на опозициската партија, Венко Филипче.
„Му честитам на момчето Мартин Гоџовски, од населбата Варош ,којшто денеска го фати крстот.
Посакувам здравје, среќа, успех оваа година. Исто така и на сите коишто денеска скокнаа во ладните води на Охридското езеро по крстот. Тоа е знак дека имаат многу голема ментална и физичка сила.
Овие празници секогаш треба да не потсетуваат да во име на солидарноста, работиме заедно, го унапредуваме општеството и создаваме подобри, еднакви можности за сите без дискриминација на ниту еден човек“, порача Филипче.
Македонија
Илија Мелоски го фати Светиот крст во Кисела Вода
Илија Мелоски беше најсреќниот меѓу 50-те верници кои денес се обидоа да го фатат Светиот Крст во водите на базенот “Расадник”, кои претходно беа осветени. Од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тој доби икона и парична награда, а од повеќе општествено одговорни компании и повеќе други награди. Возобновената манифестација по повод празникот Богојавление- Водици од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, која од година во година станува се попосетена, и годинава започна со литија од храмот Св. Ѓорѓи, предводена од свештенството од храмовите во општина Кисела Вода, збогатена со песните од КУД “Китка”. Најсреќниот учесник што го извади Богојавленскиот Крст од водите, Илија Мелоски за себе и за најблиските посака здравје и среќа, а наградите одлучи да ги донира.
-Бог се јави браќа и сестри! За мене и за сите православни верници ова е многу значаен и величествен ден, кога го славиме крштевањето како една од Светите тајни на Христијанството, го чествуваме зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. За мене посебен, бидејќи денес е мојот именден.Масовноста и сплотеноста на мојот народ која денес ја гледаме е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме – да ја возобновиме традицијата во Кисела Вода за положување на Крстот во осветената вода.
Ги поздравувам и им се заблагодарувам на сите кои денес најпрво беа дел од литијата што започна од храмот Св. Ѓорѓи, се заблагодарувам на свештенството кое го предводеше овој убав настан во духот на нашата вера и традиција и на КУД “Китка” кои со својата песна овозможија настанот да има уште потрадиционална и посвечена нота, им честитам на сите кои имаа храброст и се обидоа да го извадат Светиот Крст од водите. Посебна честитка до најсреќниот Илија Мелоски кој го фати Светиот Крст, му посакувам добро здравје, среќа и радост и од Бога благословена година за него и за неговото семејство, а ние заедно со неколку општествено одговорни компании се потрудивме да го запамети овој ден и по повеќе награди.
Му благодарам и за големиот гест на овој исто така голем ден, наградите да ги донира на оние кои имаат вистинска потреба. Да сте ми здрави и живи, а следната година повесели и помасовни-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.