Македонија
Голема акција за пошумување „Засади со љубов, за Кисела Вода”
Под мотото „Засади со љубов, за Кисела Вода”, денес во општина Кисела Вода се одржа масовна акција за пошумување.
На акцијата и претходеше повик, преку видео спот, организиран од градоначалникот Ѓорѓиевски и локалната самоуправа, кој беше поддржан од многу јавни личности, спортисти, лица од естрадата, кои и денес зедоа учество во пошумувањето.

Илјадници граѓани, претставници на дипломатскиот кор, спортски здруженија, еколошки здруженија оштествено одговорни компании, советниците од Советот на Општината, административните службеници, засадија околу 5000 садници на шест локации: новиот парк „Иднина” кај кружниот тек, на трим патеката, на Теферич, кај новата градинка во Усје, во паркот на Есенинова и во парк Македонија.
Покрај ова, се садеше и во сите основни училишта и градинки од општината.
-Денес започнуваме со акција за која планираме да ја направиме редовна и традиционално да се одржува секоја година во исто време. Под слоганот Вода „Засади со љубов, за Кисела Вода”, денес садиме 5000 дрвца на повеќе локации низ општина Кисела Вода, пред се’ за нови или постојни паркови или места кои се доста фреквентни, а на кои сме направиле анализа дека има потреба од дополнително зеленило. Освен што на овој начин ќе го зазелениме и облагородиме просторот, сакаме да ја подигнеме и јавната свест дека секое дрво значи помош за обнова на екосистемот, за намалување на загадувањето, за спречување на поплави и ерозии.

Овие пораки ги упативме и преку видео спот заедно со многу естрадни личности, спортисти, лица кои значат нешто во јавниот живот, преку кој ги повикавме граѓаните масовно да ни се приклучат и заедно да направиме нешто убаво за себе, за своите најблиски и за Кисела Вода. Очигледно пораката одекна силно, така што денес, на сите шест локации има огромен одзив. Тука, во Паркот „Иднина” со мене е амбасадорот на Република Полска, тука се голем број на лица од јавниот живот, огромен број на граѓани, на терен е и целата администрација, советот и советниците, спортски клубови, дрвца се садат и во сите училишта и градинки на територија на општина Кисела Вода. Сакам да им се заблагодарам и ним, како и на сите донатори и пријатели на општината кои преку својата општествена одговорност, ја поддржаа акцијата и покажаа дека ја сакаат Кисела Вода“ – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

