Македонија
Голема полициска акција во Скопје за дрога: приведени 28 лица, двајца се во притвор
Во рамки на криминалистичка истрага која од декември 2023 се спроведуваше по насоки на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, во текот на ноќта во голема заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, САЕ Тигар и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија беа преземени низа координирани мерки и активности на подрачјето на Скопје со цел сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана.
Притоа, во текот на криминалистичката истрага од слобода се лишени 28 лица.
„Во акцијата за сузбивање на улично дилерство на дрога изминатата ноќ лишени се од слобода В.Г.(46), М.В.(22) и С.Б.(21), кај кои бил пронајден кокаин, Д.Т.(24) од Кочани, како и С.В.(28) од Скопје, кај кои при претрес биле пронајдени поголеми суми пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од продажба на наркотична дрога. Покрај ова, извршени се претреси на седум локации во Скопје, при што кај Ѓ.Ш.(41) од Скопје биле пронајдени марихуана, вага и други предмети поврзани со кривичното дело, кај А.П.(29) пронајден е куршум и запалка за бомба, кај Б.П.(34) се пронајдени остатоци од кокаин и други предмети поврзани со кривичното дело. Од слобода се лишени и А.Б.Ј., поради сомнение за уништување докази, како и М.Д.(37) од Скопје, кај кого бил пронајден кокаин. При претрес кај Ф.Д.(41) од Скопје пронајдени се поголема сума пари, марихуана, лични карти и пасоши на повеќе лица оставани како залог за купопродажба на дрога, а при преземени мерки за негово лишување од слобода, тој не застанал на издадена наредба за запирање, при што оштетил три службени возила, извршувајќи и кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за него е издаден распис за негово пронаоѓање и приведување“, велат од МВР.
Покрај 28-те вкупно приведени лица, во текот на криминалистичката истрага обезбедени се повеќе материјални докази за инволвираност на лицата во улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана, за две лица е веќе поднесена кривична пријава и одредена е мерка притвор, одземен е мотоцикл „хонда“ како и патничко возило „форд мондео“ за кое се обезбедени докази дека било користено за продажба на кокаин.
Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје до ОЈО Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против 7 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

