Македонија
Голем дел од улиците низ Скопје утре по 16 часот ќе бидат затворени поради трка
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека утре со почеток во 16:00 часот, поради одржување на меѓународна ноќна атлетска трка „13 Ноември“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Настанот ќе се одвива со следната траса на движење: од Порта „Македонија“, преку плоштад „Македонија“, по ул.„Никола Вапцаров“, десно по ул.„Димитрие Чуповски“, до крстосница со ул.„Даме Груев“, полукружно назад по истата улица, во продолжение по ул.„11-ти Октомври“ до крстосница со бул.„Кочо Рацин“, полукружно назад по истата улица, десно по ул.„Филип Втори Македонски“, лево по пристапната улица на ГТЦ и десно до целта кај Порта „Македонија“ во Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кузеска: ДКСК да го испита спорното именувањето на Трпковска во АЕК
Уште еден скандал на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, уште едно скандалозно ухлебување и груба партизација на АЕК, вели денес на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска и додава дека сопственичката на фирмата што требаше да ја изгради спорната катна гаража кај Собранието, Анкица Трпковска, власта ја избра да биде член на Комисијата на АЕК (Агенцијата за електронски комуникации) со надоместок од 2.700 евра месечно.
„Ухлебувањето на Трпковска е спорен од повеќе аспекти. Прво, власта спроведува брутална партизација АЕК, која треба да биде независно тело, и вдомува лица со лични и партиски релации со функционерите од актуелната власт. Трпковска се уште се води како сопственичка на компанијата што требаше да ја гради спорната катна гаража а избрана е во период кога се подготвува Закон со кој би требало да се обештети нејзината компанија. На нејзината фирма адвокат и беше Панче Тошковски. Дали ова не е конфликт на интерес само по себе? Дали блиските релации на нејзиното најтесно семејство со Панче Тошковски се една од причините зошто е избрана Трпковска? Нема ништо независно. Второ, власта го прекршува Законот за електронски комуникации. Еве ја биографијата на Трпковска. Навела дека пред неколку години завршила високо образование по јавна администрација и дека се стекнала и со магистер по правни науки. Што значи нема посебни познавања од областа на електронските комуникации. Освен ако власта смета дека познавање од областа на електронските комуникации е користење Интернет и Ворд како што самата Трпковска напишала во биографијата. Во член 17 од Законот за електронски комуникации јасно се дефинирани условите, за да биде избран некој член на Комисијата на АЕК мора да има соодветно работно искуство во струката и цитирам ‘посебни знаење од областа на електронските комуникации’“, изјави Кузеска.
Таа вели дека тоа не е случај со Трпчковска и СДСМ изразува сомнеж дали таа воопшто ги исполнува условите и основните критериуми.
„Станува збор за целосно некомпетентен човек , без познавање на електронските комуникации, одноставно несоодветен за оваа позиција. ДПМНЕ и Мицкоски едно ветуваа пред изборите, сега друго прават. Не само во АЕК, партизацијата со некомпетентни луѓе ДПМНЕ спроведува и во Агенцијата за разузнавање, во МВР, по министерствата, институциите, насекаде. Нема. Со партизација и ухлебување на блиски до власта Мицкоски и ДПМНЕ ги осакатува институциите. Или до ова дереџе е дојдена работата или мотивите се сите зделки на власта понатаму во делот на телекомуникациите да бидат под партиска контрола на ДПМНЕ во АЕК. Бараме повлекување на ова одлука на Владата и мнозинството, а Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет по допрен глас“, додава Кузеска.
Македонија
Откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени
Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2024 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесуваат 4 703 216 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година се намалени за 14.4 %.
Откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е намален за 19.5 %, а продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e намалена за 8.2 %.
Од вкупната вредност на откуп и продажба на земјоделски производи по групи, забелeжано е намалување на вредноста кај млечните производи, а зголемување кај рибата, лозарството и кај полјоделските производи.
Македонија
Дел од Аеродром е без вода, се санира дефектот
Поради уличен дефект, без вода од 09:45 часот се корисниците од булевар АСНОМ, зградите од булевар Србија до Февруарски поход (висока зона), соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до санирање на дефектот.