Македонија
Гори кај планинарскиот дом „Китка“, пожар се шири и кон висорамнината Витачево
Центарот за управување со кризи попладнево на прес-конференција соопшти дека и натаму е активен пожарот кај Сарај, а нови пожари има во општините Новаци и Кавадарци, како и над селото Црвена Вода кон планинарскиот дом „Китка“.
По интервенцијата на двата армиски хеликоптера, пожарот кај селото Раовиќ во општина Сарај бил локализиран, но попладнево, околу 15 часот, повторно е активиран на три места по што е информирана Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.
Нов пожар околу 14 часот е забележан и во атарите на селата Грумази и Ивени во општина Новаци, каде што гори сува трева и нискостеблеста шума, а друг пожар утрово е забележан и над селото Црвена Вода кон планинарскиот дом „Китка“.
„Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје во општина Демир Капија и натаму е активен и се прошири кон висорамнината Витачево кон село Страгово во општина Кавадарци. На рамниот дел пожарот е изгаснат на фронт околу четири километри и засега висорамнината Витачево е безбедна. Пожарот е навлезен во шума во селото Барово, во место наречено Балдовец, каде што теренот е стрмен и карпест и нема пристап и начин на приближување за гаснење за што се бара и интервенција од воздух“, информира портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.
На овој пожар, како што истакна Вчкова, интервенираат противпожарни екипи од Кавадарци и Неготино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Неодржливи се причините на СДС и ДУИ зошто гласаа против Безбеден град, Али и Венко сега коалиција и во опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Системот Безбеден град за дигитален надзор е дел од стратегијата на МВР за зголемување на безбедноста во сообраќајот, а резултатите беа видливи уште во првите 24 часа од тест-периодот што е јасен показател дека мерката функционира. На СДС изговорот им беше злоупотреба на податоци, на ДУИ затоа што немало да се спроведува на ниво на целата држава, па се здружија во опозиција со недоволно потковани причини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет е безбедноста на граѓаните во сообраќајот, а во првата фаза камерите ќе бидат поставени на локации со поголем ризик, додека во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата.
Но, сепак како пратенички групи одлучија да гласаат против измените на Законот за прекршоци во Собранието.
Јавноста добро памети на нивните сојузништва, рака под рака во бројни сомнителни тендери и афери, а сега откако се во опозиција се загрижени за транспарентност и злоупотреби.
Или не се свесни за сопствената хипокризија, па не препознаваат или улогата на опозиција ја имаат сфатено како неприфаќање на секој предлог, на секоја иницијатива, што би можела да го подобри животот и да ја зголеми безбедноста на граѓаните.
Еве тогаш да прашаме, дел од владината коалиција на СДС и ДУИ беше и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи. Зошто не презеде ништо во 7 години власт за подобрување на безбедноста во сообраќајот?
Измените на Законот за прекршоци кои беа неопходни за официјален старт на системот Безбеден град се усвоија во Собранието со 81 глас ЗА.
81 претставници во Собранието, избрани од народот, сметале дека треба да се воведе сисемот Безбеден град.
Ама, Венко и Али сметаат дека тоа е не е добро за граѓаните.
Сите развиени земји во светот имаат имплементирано ваков систем.
На пример, во Дубаи постои ,,Смарт Дубаи“, официјална иницијатива на Владата на Дубаи, лансирана во 2014 година, со цел Дубаи да се трансформира преку технологија и дигитални иновации. ,,Смарт Дубаи“ вклучува и иницијативи за паметен сообраќај и мобилност, преку податочно-управувани системи.
Еден од столбовите е безбедноста во сообраќајот.
На Филипче со златна виза ова му одговара, ама граѓаните на Македонија да бидат безбедни, не му одговара.
Едноставно е, треба само да пребараат на гугл, дека ваквите системи се гаранција за безбедноста на луѓето во сообраќајот во цел свет. И ова не е конструктивна опозиција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Блокадите на границите не се решение, загубите ќе бидат големи, смета Стопанската комора
Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост, е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ).
„Блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка. Засега никој неможе да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес“, се наведува во соопштението.
Минатата недела, СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажаа дека очекуваат земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.
Според СКСМ, ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe.
„Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји. На крај останува фактот дека Европската Унија е нашиот најважен извозен пазар, со над три четвртини од вкупниот извоз на земјата и затоа од наш стратешки интерес е да се одржи стабилноста на синџирите на снабдување и непречено да се одвива протокот на стоки“, велат од Стопанската комора.
Превозниците од денеска во 12 часот ќе ги блокираат сите гранични премини во државата. Блокадата доаѓа по одлуката на Европската комисија од април на превозниците кои со камиони превезуваат производи и стока да им биде дозволен престој во земјите во Шенген зоната само 90 дена.
Покрај во Македонија протест ќе се одржи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Македонија
Филипче не беше заинтересиран за јавните здравствени установи како што беше за приватната „Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Дали буџетот на клиничката болница „Жан Митрев“ растел во време на мандатот на Венко Филипче како министер за здравство, за да тој си подготви профитабилен бизнис?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со зголемување на буџетот на болницата секоја година, Филипче веќе имал план. Сопственикот на таа болница, бил дел од судски спор против него, па на Филипче му светнала сијаличката, како може ова да го искористи. Ветувале со Заев дека ќе го ослободат од обвиненијата против него, а тој да им ја продаде болницата по багателна цена, па така министерот за здравство да стане сопственик на истата.
Уцени, спогодби, ветувања за влијание во судски постапки, ова е партиската култура на СДС.
И на врвот биле Филипче и Заев, но такво ветување од нивна страна не би можело да се исполни ако многумина знаеле, гледале и молчеле. Кој друг знаел за овие планови?
Како точно мислеле да влијаат врз судскиот процес на сопственикот на болницата,и како планирале да го ослободат од обвиненијата против него? Дали навистина можело да се случи вакво влијание без координација меѓу партијата, администрацијата и судските структури?
Вака СДС и ДУИ го урнисаа системот, и ја сведоа довербата во судството на 2%, преку инсталирање на партиски посланици, во секоја институција, во секоја пора на општеството.
Очигледно за нив влијание врз судски процеси е легитимен метод на работа.
А ако Филипче навистина ја презел болницата по цена далеку пониска од пазарната, како и што му нудел на сопственикот на истата, тоа би било приватизација на јавни пари.
Министерот за здравство калкулирал со приватни болници, додека здравствениот систем се рушел од сите страни.
Да му светнала сијаличката и за болниците, за ковид болните кои му умираа по ходници, за ненабавувањето на вакцини, за онколошки болните и скандалот кој се случи на тоа одделение, за условите во државните болници во кои граѓаните треба да се лекуваат, немаше да го уназади и доведе здравството на колена.
ЈО да ги испита индициите за изнуда и сомнежите за криминал за злоупотреба на службената положба“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

