Македонија
„Го жалам Ковачевски, работи во интерес на ДУИ“ – Хајредини не ги штеди ниту Ахмети, ниту Груби, ниту Османи: aјдуци на власт
Дали се задоволени албанското его и решавањето на меѓуетничките односи во државата, дали со поставувањето премиер Албанец ќе биде ставен дефинитивен крај на барањата на Албанците во државата, во интервју за „Макфакс“ одговара ексминистерот за финансии, Џевдет Хајредини.
„Владата сега е пола на пола со Албанци. Во иднина може да бидат и сите министри Албанци, може да имаме премиер Албанец не само во техничка влада – 100 дена, туку цело време, а пак да не се решени работите“, потенцира Хајредини.
Не е задоволен од постапките на Ковачевски за кого ќе рече: „Го жалам, го донеле со намера. Човекот не знае што зборува. Работи во интерес на членови на ДУИ, а не за народот“.
Остро реагира и за огромната бројка на административци според Рамковниот договор и, како што вели, монополот што ДУИ и Артан Груби го имаат во овој дел од системот.
Хајредини анализира дали е можна соработка на партијата на Ахмети со Груевски за уставните измени, па во интервјуто ќе прецизира дека „со сигурност таа приказна не е завршена“.
Функционерите, раскажува Хајредини, исплашени од законот и од товарот на коруптивните дела прават меѓусебни сплетки, кои подоцна ги прават заложници едни на други.
Појаснува: „Груевски го спаси Ахмети од Хаг, Талат Џафери го спаси од притвор Вељановски“.
Крадци се на власт, кои мора да се амнестираат меѓу себе, оценува тој и додава дека пред уставните измени сите се во фаза на амнестирање.
„Јовески тера со сила да стане член на Уставниот суд оти е пред пензија и тој ги држи предметите во фиока, сè е ова заемна амнестија“, истакнува Харједини.
„Тој доаѓа“ – кој доаѓа од ДУИ, каква ќе биде судбината на Ахмети и Груби по расколот во партијата, што ќе се случи со ДУИ доколку Ахмети замине, за чии интереси работи хирургот Османи и слично – во интервју за „Макфакс“ поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

