Македонија
Го отпочнавме процесот на реформи и ветинг во партијата, најави ДУИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска соопшти дека го отпочнува сеопфатниот процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата. Оваа иницијатива, како што велат, ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи нов стандард за политичките партии во регионот.
„Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со Резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
ДУИ покрај пратениците, решително продолжува со проширување овој процес на ветинг таргетирајќи ги сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството на ДУИ и раководството на локалните партиски ограноци. Со стратешкиот акциски план ДУИ има за цел не само да го зајакне ставот на партијата против корупцијата, туку и да ја поттикне културата на интегритет во политичките процеси“.
Како предводник на овие реформи, ДУИ, додаваат од партијата, поставува преседан за другите политички партии.
Нагласуваат дека оваа иницијатива ја потврдува посветеноста на ДУИ за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти.
„ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ. „Нашиот пристап е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг.
Преку стратешките акции и непоколеблива посветеност, ДУИ останува посветена и решителна да предводи реформи преку својот личен пример, со крајна цел да изврши значајни промени во партијата, како и во националната рамка на владеење“, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

