Македонија
„Го сакам Водно“до Арсовска и Шилегов: Покажете гаранција за Водно
Водно е секој ден сè поблиску и поблиску до бетонирање на својата иднина. Ако навистина се искрени во ветувањата за Водно, кандидатите за градоначалник на Скопје треба да покажат дека се спремни и да ги исполнат, реагираат од граѓанското здружение „Го сакам Водно“.
На само два дена пред молкот за изборот на нов градоначлник, тие ги повикуваат кандидатите Петре Шилегов и Данела Арсовска, како што појаснуваат, не само да се обврзат, туку и да направат чекор повеќе кон Водно како гаранција дека нивните намери за вистински и целосно заштитено Водно се искрени.
„Заложбите и апелите за носење севкупна и функционална заштита на Водно на врвни и докажани ескперти од шумарството, хидрологијата, инженерството, просторното планирање, клучни државни институции, видни професори и преку 32 граѓански здруженија не успеаја да ја спречат одлуката која отвора врата за негово брзо урбанизирање и уништување. Сепак, заедно успеавме да се избориме за мала искра за спас, префрлајќи ја тежината во Градот, но неопходна е итна и брза реакција на оној кој ќе победи во трката за градоначалник“, велат од ова здружение.
Напоменуваат дека потребата од правилно зонирање на Водно е евидентна, а Градот е единствената инстанца која тоа може да го иницира и спроведе.
„Затоа и ве прозиваме, Данела и Шилегов, бидејќи само ваша искрена заложба може да биде над оваа одлука. Ако го сакате градот, ќе имате можност да направите чекор за Водно да биде спасено, а со тоа и градот заштитен. Инаку, ќе го изгубиме Водно“, се додава во писменото соопштение.
Во предлозите што треба да направи градот сугерираат дека треба да се започне итно со изработка на просторен план на Водно како простор од посебен интерес! Тоа ќе овозможи правилно зонирање на Водно, наспроти она предвидено во одлуката, подвлекуваат од здружението.
„Тој да се додели на изработка во Агенцијата за планирање на простор, каде што експертизата преку строго дефинирани методологии ќе ги преклопи сите значења и вредности на Водно и ќе наметне режим на заштита за секоја предвидена зона. Паралелено да се иницира постапка за носење специјален закон за Водно во Собрание. Овој Lex Specialis ќе претставува гарант за правилното зонирање на целата територија на Водно, соодветниот режим на заштита и ќе ги замрзне сите можни активности и носења на други планови, вклучувајќи ги и планот за управување и урбанистичките планови или проекти, сé дури не се донесе просторен план за Водно, како план од највисок ред“, објаснуваат од „Го сакам Водно“.
Очекуваме, додаваат од таму, идејна драфт-верзија на специјалниот закон.
„Очекуваме запознавање со можностите, потребните чекори и ресурси (време и пари) неопходни за Агенцијата да започне постапка за просторен план на Водно. Можеби веќе имaте нацрт-закон? Или, пак, сте оствариле средба со Агенцијата и упатиле барање до неа? Или, пак, нешто друго? Покажете дека вашите намери се искрени. Повлечете потег кој ќе помогне Водно да не бидне само едно убаво минато, туку вистинска заштита на градот и жителите“, потенцираат од граѓанското здружение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

