Македонија
Градинката од Гевгелија демантира дека имало насилство врз дете

Градинката „Детска радост“ демантира дека во установата имало насилство, како што претходно денес обвини пратеничката Ангелина Петкова.
„Се работи за детска игра во малата група во клонот ‘Цветови’, каде што настанале гребаници на едно од згрижените дечиња. Случајот го пријавивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика и очекуваме уште утре надлежен инспектор од МТСП да ја посети установата.
По извршениот инспекциски надзор, ќе бидете известени за стручниот наод. Дотогаш тврдењето на пратеничката Петкова го сметаме за тенденциозно и политички обоено со изнесени невистини за установата.
Грижата за децата е наш императив, а во соопштението на пратеничката Петкова е очигледна грижата за одземените ингеренции на градоначалникот на општина Гевгелија врз ЈОУДГ „Детска радост“ – Гевгелија од страна на МТСП токму поради непостапување во согласност со законските надлежности во сферата на детската заштита што ги има локалната самоуправа“, се наведува во демантот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Група инжинери со претстaвка до РКЕ: „Граѓаните да имаат реални сметки за струја базирани на реално мерење“

Новиот Закон за енергетика, јасно ја уредува обврската за мерење и фактурирање на електричната енергија според реална потрошувачка, но со тоа повторно се отвори прашањето за законитоста на членот 31 од Правилата за снабдување (донесени во 2018), кој дозволува издавање сметки врз основа на проценета, наместо реална потрошувачка во случаи на неотчитување на мерните уреди, велат од неформалната група Инжинери на Македонија.
Поднесена е претставка до Регулаторната комисија за енергетика, со која се укажува дека оваа одредба повеќе нема правна основа, бидејќи уредува прашање што сега е јасно дефинирано во Законот и тоа на поинаков начин. Укажаваат дека со тоа се крши хиерархијата на правни акти.
„Иако поднесовме амандман и добивме уверување од Министерството за енергетика дека спорниот став 2 од членот 185 ќе биде отстранет, тој сепак остана во Законот, дозволувајќи проценка на потрошувачката „кога мерењето не е извршено“. Но мерење постои бидејќи сите домаќинства имаат струјомери. Проблемот е административен а не технички. Затоа на последниот состанок со РКЕ нагласивме дека „мерење“ и „отчитување“ не се исто, па сметките мора да се издаваат само врз основа на реално измерени податоци. Најавата од претседателот на РКЕ дека ова ќе се реши со нов подзаконски акт е повторно правно проблематична – подзаконски акт не смее да ја менува или надминува содржината на закон, особено кога штетата ја трпат граѓаните“, велат од групата преку допис.
Со упатената претставка до РКЕ бараат: Итно бришење на членот 31 од Правилата за снабдување, без чекање да е донесат новите Правила; Забрана за издавање на сметки врз основа на проценка, кога струјомерот е исправен; РКЕ да го обврзе ЕВН на целосно почитување на Законот за енергетика и другите закони; Во случај на продолжување на прекршувањата, да се иницира постапка за раскинување на договорот за приватизација на дистрибуцијата од 2006 година, во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
Клучно барање им е граѓаните да имаат реални сметки базирани на реално мерење.
Македонија
Променливо облачно време, попладне дожд

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (10 до 15 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има повремени врнежи од дожд и ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Општина Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на шибер од ф – 80 мм на ул. Руѓер Бошковиќ бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците лоцирани на потегот од бул. Осми Септември до раскрсница со ул. Никола Тесла. (општина Карпош).