Македонија
Градоначалникот Касами на самитот Б40 во Софија: Посветеност на економскиот и културниот развој на регионот
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, учествуваше на престижниот Самит на Градоначалниците Б40, одржан во Софија, каде што го претстави Тетово и ја сподели својата визија за локалниот, економски и културен развој.
За време на своето обраќање, Касами ја истакна важноста на локалната економска и културна соработка како одржлива алтернатива за долгорочен развој на регионот.
„Локалната економска и културна соработка е концепт кој вклучува ангажирање на локалните заедници, бизниси, институции и организации во заеднички развој на активности кои придонесуваат за зајакнување на економските, туристичките и културните врски меѓу различните групи во еден регион или град,“ истакна Касами за време на своето обраќање.
Тој ги нагласи позитивните промени кои се случуваат во Тетово, особено во областа на економијата и туризмот, каде што инвестициите во гастро-туризмот, културата и локалната трговија носат значителни трансформации.
Градоначалникот Касами го потенцираше клучното значење на културните врски во зајакнувањето на соработката меѓу земјите во регионот и ја изрази подготвеноста на општината за организирање на фестивали со мултикултурен и мултинационален карактер.
Исто така, Касами ги спомена подобрувањата во инфраструктурата, како што се изградбата на патишта, сместувачки капацитети и пешачки патеки, кои позитивно влијаат на зголемувањето на бројот на туристи кои го посетуваат Тетово за да ја доживеат природата и локалните традиции.
Во однос на регионалната трговија, Касами ја истакна важноста на олеснувањето на трговските и административните процедури, Општина Тетово ќе ги стави на располагање сите свои административни капацитети за поддршка на локалните бизниси и за зајакнување на трговската и туристичката размена.
„Тетово е подготвено да ги стави на располагање сите административни капацитети за да ги охрабри локалните бизниси да ја зајакнат трговската и туристичката размена. Во таа насока, бизнисите, локалните власти и невладините организации можат да соработуваат за развој на проекти кои поддржуваат одржлив економски раст и зачувување на културните вредности. Со инвестициите во инфраструктура кои ја олеснуваат економската и културна размена, како што се создавањето на културни центри, простори за трговија и туристички активности, како и подобрувањето на транспортот и комуникацијата, Тетово создаде доволно простор за сите засегнати страни,“ изјави Касами.
На крајот, Касами апелираше за интензивирање на регионалните промотивни кампањи и ефективно користење на маркетингот за привлекување на повеќе туристи и за промовирање на природните и културните богатства на нашите градови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

