Македонија
Градоначалникот Лимани најавува 15 проекти со кои евидентно ќе се подобри патната инфраструктура на Гостивар
Општина Гостивар аплицира со 15 проекти на повикот за доделување 100 милиони евра од Министерството за локална самоуправа. Повеќето од проектите се однесуваат на градската и патната инфраструктура, меѓу кои и изградбата на ново шеталиште во центарот на градот. Станува збор за улицата Кочо Зози, која го поврзува плоштадот со главната подружница на поштата во Гостивар.
Градоначалникот Валбон Лимани вели дека сите проекти за кои аплицирале се дизајнирани според бараните стандарди и очекува сите да бидат прифатени.
„Како општинска администрација веќе сме подготвиле апликации за 15 инфраструктурни проекти. Главно се работи за реконструкција и асфалтирање патишта во општина Гостивар. Еден од проектите што сакам да го споменам е делот од поранешното кино, кој ќе се трансформира во модерно шеталиште. Верувам и се надевам дека овие проекти ќе се реализираат до крајот на годината или следната пролет кога очекуваме да имаме оглас, на кој ќе аплицираме и со проектите што ги предвидовме“, изјави Валбон Лимани, градоначалник на општина Гостивар.
Градоначалникот Лимани најави дека во моментот се работи на уредување на канализацијата на патот Здуње – Дебреше. Во должина од над два километра првпат се уредува овој дел од градот, а по неговото завршување, локалните власти велат дека обезбедиле финансиски средства за асфалтирање на патот.
„Канализацијата на патот Здуње – Дебреше продолжува и мислам дека за кратко ќе се доработи делот што остана. Во меѓувреме, во контакт со Светската банка и со компанијата што ги почна работите на патот Здуње – Дебреше, бев информиран дека следната недела ќе почне преостанатиот дел од асфалтирањето и верувам дека до крајот на есента исто така ќе биде комплетно завршена“, изјави Валбон Лимани, градоначалник на општина Гостивар.
Во наредните денови се очекува да почне уште еден важен проект од патната инфраструктура. Станува збор за булеварот Гоце Делчев, кој ќе се реконструира и асфалтира од двете страни од Центарот за култура до автобуската станица.
„За кратко, можеби следната недела, ќе почнат реконструкцијата и асфалтирањето на булеварот Гоце Делчев, делот од Центарот за култура до автобуската станица, за кој мислам дека има потреба од реконструкција, а со 15-те проекти што ги споменав на почетокот очигледно ќе се подобри патната инфраструктура во градот“, изјави Лимани.
На овој повик градоначалникот Лимани најави дека фокусот е повеќе на инфраструктурата на градот, а на вториот, што ќе го објави Владата на почетокот на следната година, со вредност од 250 милиони евра, акцентот ќе биде на инфраструктурата на селата.
Инаку, денеска истекува рокот до кога општините треба да го пополнат формуларот за аплицирање за јавниот повик што го објави Министерството за локална самоуправа. По добивањето на формуларите за пријавување, зпочнува процесот на евалуација, кој се очекува да заврши најдоцна во рок од 10 дена, а врз основа на него надлежните министерства изготвуваат предлог за одлука за тоа кои проекти ќе ги финансираат нивните ресори и предлогот за одлука се доставува на одобрување на владина седница.
Средствата ќе бидат распределени преку шест ресорни министерства, и тоа: Министерство за култура и туризам, Министерство за транспорт, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за образование и наука, Министерство за животна средина и просторно планирање и Министерство за спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

