Македонија
Градоначалникот Стефковски: Изминатите три години успеавме да го вратиме спортот насекаде во општина Гази Баба
Вчеравечер се одржа првиот тематски настан на тема „Гази Баба за спортот“ на кој беа презентирани постигнатите резултати во областа на спортот во мандатниот период 2021 – 2025 година под раководство на градоначалникот Бобан Стефковски.
Пред присутните во своето обраќање, градоначалникот Стефковски ги истакна реализираните проекти во оваа област, а вооедно и ја најави реализацијата на проектите кои ќе следуваат во следниот период.
„Изминатите повеќе од три години успеавме да го вратиме спортот насекаде низ општина Гази Баба. Инвестиравме во спортската инфраструктура како никогаш претходно. Изградивме 27 спортски терени на најсовремена тартан подлога, а во деновите пред нас ќе изградиме уште 8 нови терени со тартан подлога. Изградивме и 5 спортски терени на подлога од вештачка трева, а за скоро од денес ќе изградиме уште 3 нови терени. За прв пат во општина Гази Баба изградивме 6 фитнес зони, а наскоро ќе изградивме уште 3 нови зони. Преку изградбата на нови училишни спортски сали обезбедуваме услови за реализација на часовите по физичко и здравствено образование. Изградивме училишни спортски сали во Булачани и Стајковци, а во тек е изградбата на нова сала во Црешево. Дополнително изградивме и два нови спортски комплекси во Стајковци и Хиподром кои соддржат терени за различни категории на спорт. Посебно сакам да ја истакнам финансиската поддршката која ја доделува општина Гази Баба на спортските клубови и индивидуалните спортисти. Во изминатите четири години доделивме 40 милиони денари директна финансиска поддршка за спортот во општина Гази Баба“, истакна Стефковски.
Тој пред присутните наведе дека сите спортски клубови и спортисти од Гази Баба се дел од победничкиот тим кој тој го предводи.
„Денес сите ние сме тука како еден голем победнички тим. Во нашиот тим се клубовите од сите категории на спортови, тренерите и играчите, таеквондистите и каратистите, фудбалерите, кошаркарите и други. Тука се и учениците и наставниците. Заедно тренираме и се натпреваруваме, едноставно заедно победуваме. На спортските терени има спортисти кои доаѓаат од различни средини, зборуваат на различни јазици и одат во различни храмови. Но сите овие разлики стануваат неважни, бидејќи сите ние заеднички во победите се радуваме, а во поразите тагуваме“, заклучи Стефковски.

На настанот беа доделени плакети на спортисти од општината кои во изминатиот период имаат постигнато врвни спортски успеси во Република Македонија но и надвор од неа. Плакети во знак на признание добија: Милијана Релиќ, Александар Илиевски, Марко Стојковиќ, Теодор Николовски, Андреј Митревски и Максим Митровски.
За успешна соработка во изминатите години, беа доделени плакети и на претседателите на ракометната федерација, таеквондо федерацијата и атлетската федерација на Македонија, како и на селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кирил Лазаров.
На настанот присуствуваа претставници на сите спортски клубови, спортисти, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на општина Гази Баба и други граѓани од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

