Македонија
Градоначалникот шверцер Боро Стојчев имал бугарски пасош
Апелацискиот суд во Штип во јули годинава ја прифатил жалбата на Вишото јавно обвинителство кое приговарало на одлуката на струмичкот суд да му биде укинат притворот на градоначалникот шверцер Боро Стојчев од Ново Село, меѓу другото и поради фактот дека тој поседува бугарски пасош.
Штипска апелација оценила дека струмичкиот суд згрешил кога го укинал притворот за обвинетиот Боро Стојчев. Во образложението на одлуката пишува дека во конкретниот случај сè уште постојат причините поради кои против обвинетиот била определена мерката притвор од судијата на претходната постапка на Основниот суд Струмица, а потоа и продолжена од кривичниот совет.
Судот му определил притвор на градоначалникот бидејќи постоеле околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство. „Обвинетиот Б. С. поседува бугарска патна исправа, има сестри во странство – во Ш., во текот на месец февруари и март 2018 година обвинетиот патувал во Ш. од една страна, а од друга, пак, имајќи го предвид карактерот на кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот во смисла на тоа дека тој заедно со останатите обвинети се обидел да криумчари – да пренесе стока (цигари) на илегален премин во Р.Б, повеќе од очигледно е дека доколку обвинетиот биде пуштен на слобода постои опасност да побегне и на тој начин да го осуети понатамошното успешно водење на кривичната постапка“, пишува во одлуката на штипска Апелација.
Во пресудата на струмичкиот суд која „Макфакс“ ја доби преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, пишува дека градоначалникот Стојчев има завршено средно образование, а моментално студира на Економскиот факултет. Тој претходно бил осуден за злоупотреба во службата со условна осуда од 2 години со рок на проверка од 4 години и за телесна повреда.
На 10 јули година околу 17 часот, сега осудените заеднички како соизвршители се обиделе да пренесат непријавени стоки – цигари од значителна вредност од 5.542.764 денари избегнувајки ја царинската контрола. Обвинетите натовариле 66 картонски кутии во кои имало вкупно 32.989 кутии цигари од марката „Калипсо“, секоја во вредност од по 168 денари. На 2 км од граничниот премин ги откриле и фатиле полициските службеници. Штипска Апелација му ја намали казната на Стојчев од 1,5 година на шест месеци. Стојчев пред судот ја призна вината и се покаја.
Вчера СДСМ побара од градоначалникот Стојчев сам да поднесе оставка од градоначалничката позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..