Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски со донација за помош на жителка на Кисела Вода
Билјана Блажевска од населбата 11 Октомври полесно ќе ги мине студените денови кои доаѓаат. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски слушна за нејзината потресна приказна која ја сподели бендот ДНК и се приклучи на повикот за помош.
Најголемото барање на оваа самохрана мајка која останала без финансиски прилив беше електричен шпорет и дрва за огрев. Токму во тоа се состои донацијата од градоначалникот Ѓорѓиевски, кој денес заедно со Панчо од ДНК ја посети и и’ ја достави.
Поразговара со оваа храбра жена околу другите потреби на нејзиното семејство и и’ вети дека нема да биде заборавена.
“Ја видов потресната сторија за госпоѓа Билјана. Морам да признаам дека многу ме погоди, нејзината борба за живот е рамна на херојство, битката за нејзините болни синови исто така. Ме погодуваат сите вакви случувања од животот кога во еден момент се руши светот, губиш сѐ, се соочуваш со болести…Животот понекогаш не е фер, но исто така постојат и многу хумани луѓе кои ѝ помагаат. Денес се вклучив и јас, во заедничка акција со ДНК се потрудивме Билјана зимата да ја помине на топло. Од нас побара електричен шпорет кој го обезбедивме, но и доволно огревно дрва за да ја помине целата зима. Но, тука не завршуваме. Проблемите на тетка Билјана се наши заеднички проблеми. Како општество мораме да бидеме хумани и да направиме сѐ за да ѝ го олесниме животот, нејзината болка да ја ублажиме, а потешкотиите да ги надминеме. Солзите радосници и убавиот благослов за мене се најголема награда.Знам и дека има уште многу други хумани луѓе кои ќе помогнат, знам дека заедно ќе успееме. Биљана заслужува достоен живот. Посакувам да има што помалку вакви потесни стории, посакувам животот на никого да не му приредува вакви или слични премрежја. Мојата мисија е општина Кисела Вода повеќе да нема вакви случаи и заеднички тоа и ќе го постигнеме”, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

