Македонија
Град Скопје со повеќе настани ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес
Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година кога градот се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Од Град Скопје велат дека поради условите што ги наметна здравствената криза предизвикана од коронавирусот, планираните активности ќе се организираат во согласност со строгите протоколи.
Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија денеска ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата, која почна во 9 часот и ќе трае до 17 часот, се спроведува по посебни протоколи поради Ковид-19 во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Традиционално, по повод годишнината од земјотресот, Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.
Музејот на Град Скопје за сабота, во 20 часот, во Градскиот парк во Скопје, на платото пред споменикот на Гоце Делчев ја организира изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ на Зоја Богдановска, кустос и историчар. Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.
Изложбата се состои од 14 паноа, на кои се прикажани клучните мигови по несреќата, на помошта во добра и волонтери, која веднаш пристигнала од тогашните југословенски републики, како и солидарноста од светот. Изложбата преку текстови, фотографии, карти и мапи на посетителите ќе им понуди информации за Скопје пред и по земјотресот.
В недела, традиционално, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел.
Мултимедијалниот настан со наслов „МКЦ за Скопје“ ќе се одржи в недела, 26 јули, во паркот на МКЦ по соодветен протокол и почитување на мерките за заштита. Бројот на посетители годинава ќе биде ограничен, влезот ќе биде бесплатен, но со билети што може да се набават преку bileti.mkc.mk.
„МКЦ за Скопје“ ќе почне во 19.30 часот со изложбата „Култните градби во Скопје“ – избор на фотографии од проектот „101 најзначајна градба во Скопје“. Во изложбата се претставени култните градби во Скопје, а таа ќе биде надополнета и со видеопроекција. Автори на фотографиите се: Горан Георгиевски, Горан Јакимовски и Владимир Арсовски. Селектор е архитект Ѓоко Радовановиќ, а монтажата на видеото е на Митко Арнаудов.
Од 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов, која содржи осумдесетина куси записи посветени на „невидливиот“ дел на градот.
Мултимедијалниот настан по повод земјотресот, ќе продолжи во 21 часот со претстава „Импров настап“ на „Импров група“. Нивната претстава е заснована на игри за импровизација кои се адаптирани да се играат пред публика.
Од 22 часот во рамките на „МКЦ за Скопје“ ќе почне музичката програма и концертот на бендот „Перија“ – во кој членуваат Филис, Леа и Кате, кои изведуваат музика на перкусии, уд, тамбура и кемане. По нив, ќе настапи „21 век“ – бенд на Васко Атанасоски, Раде Јорданоски и Дени Крстев, кои истражуваат експресивна палета на влијанија – од постпанк до македонска традиционална музика, како и бендот „Ен2три“, кој ќе настапи со перформансот „5:17“.
Кинотеката и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) по повод 57 години од скопскиот земјотрес, премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања“ на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Настанот со наслов „Сеќавања“ ќе почне во 21 часот на 26 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска се заблагодари за честитката од ЕУ: Со нетпрение очекувам да ја продолжиме соработката
Силјановска Давкова се заблагодари за честитката од ЕУ и порачува дека со нетпрение очекува да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
„Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите. Темелот на мојата на кампања беше градењето на консензус помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики. Нашиот клучен стратешки проект е европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството. Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион“, се наведува во соопштенеито испратено од тимот на Гордана Силјановска Давкова.
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.