Македонија
Градскиот летен парк продолжува со проекцијата на Avec l’amour и хитови од „Квин“
Град Скопје во соработка со МКЦ и со Македонската филхармонија продолжува да работи на обезбедување атрактивни содржини кои ќе ја збогатат летната културна понуда во градот. Програмата за вечерва и за утревечер на прес-конференција ја претставија градоначалникот Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов, и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.
„По емитувањето на филмот „Исцелител“ на отворена сцена и настапот на реномираниот џез-музичар Феми Кути заедно со Македонската филхармонија, вечерва во Градскиот парк на отворено ќе се емитува документарниот филм Avec l’amour, прекрасно филмско остварување и вистински предизвик граѓаните да дојдат во Паркот. Утревечер, пак, QUEEN REAL TRIBUTE, еден од најдобрите светски „Квин“ трибјут-бендови, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и хорот на Македонската опера и балет, кај „Школка“ ќе ги изведе најголемите хитови на една од највлијателните рок-групи на сите времиња „Квин“. Ги поканувам моите сограѓани да дојдат и да уживаат во овој единствен од ваков тип настан во нашиот град“, рече градоначалникот Шилегов.
Вечерва проекцијата на филмот Avec l’amour започнува во 22 часот во Градскиот парк, на потегот зад споменикот на Гоце Делчев. Утревечер почетокот на концертот е закажан за 21 часот на бината пред „Школка“.
„Како и секогаш, по вакви настани, отпадот го чистиме сами, секако со помош од Град Скопје, Македонската филхармонија и од „Пакомак“. Градот Скопје работи на враќање на загубениот сјај и приматот на институциите на културата и културните манифестации. Граѓаните заслужуваат Скопје да се најде на светските мапи на врвни културни настани и случувања“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

