Македонија
Град Скопје: Арсовска 20-ти пат достави предлог одлука за нови екоавтобуси
„Градоначалничката на Град Скопје за седницата на Совет на 19.06.2024 по 20ти пат достави предлог одлука за нови еко автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје“, велат од Град Скопје.
„Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз. Со цел советниците од ВМРО ДПМНЕ да немаат оправдание за неносење на одлуката за нови еколошки автобуси, Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска јавно континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот односно банката која ќе го финансира проектот како и условите за набавка на еко автобуси да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат. Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Совет Трајко Славески ниту на Советот закажан за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање, иако поради недостаток на автобуси скопјани чекаат на автобуските станици, а новите автобуси ВМРО ДПМНЕ ги имаат ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021“, дополнуваат од Град Скопје.
Оттаму потсетуваат дека во претходниот мандат 2017-2021 година советниците на ВМРО ДПМНЕ гласале за набавка на еко автобуси на предлог на СДСМ, во истата форма како и сега и без никакви забелешки, бидејќи тогаш сметале дека треба да поддржат нови автобуси во интерес на граѓаните.
„За потсетување претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите автобуси за скопјани, за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека и лично ја поддржува. Досега според програмата требаше да се набавуваат секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и да се испорачаат до крај на мандатот 250 автобуси, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не ја гласаат одлуката.”, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

