Македонија
Град Скопје: Во тек е субвенционирањето за чистење на оџаците
Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек субвенционирањето за чистење на оџаците на нивните објекти и дека може да надоместат дел од трошоците направени за негово чистење. На јавниот повик на Градот Скопје, кој важи од 1 јануари и е во тек, досега се пријавиле 119 граѓани.
Со јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и на други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2019 година Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари. На повикот можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Град Скопје. Поточно, право на учество на овој повик имаат жителите на Скопје и правните лица кои имаат деловни објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок.
Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена во буџетот на Град Скопје за 2019 година.
Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за чистење оџаци, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен коверт до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 8:30 до 15 часот.
Целта на овој проект на Град Скопје е да се придонесе за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со ПМ10 и ПМ2,5-честичките. Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централното греење, пред сè поради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво; несоодветниот квалитет и начин на чување на дрвото; употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки; како и нередовното чистење и одржување на оџаците. Мерката има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓите и трошоците за затоплување, заштита од пожари, како и подигнување на јавната свест за потребата од редовно чистење на оџаците.
Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 година, кога беа доделени 269 субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција.
Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

