Македонија
Град Скопје започнува со Градска стратегија за безбеден сообраќај
Во согласност со програмските определби во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, градот Скопје започнува со активности околу подготовка на Градска стратегија за безбеден сообраќај.
Според кабинетот на градоначалникот на Скопје, градската стратегија за безбеден сообраќај ќе ги инкорпорира насоките од проектот ВИЗИЈА 0 на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Оваа стратегија е клучна рамка за намалување на сообраќајните незгоди, со цел да се подобрат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, преку повеќегодишни планови и програми 2026-2030, во согласност со меѓународните стандарди. Клучна цел на стратегијата ќе биде намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот, а визијата ќе биде НУЛА деца жртви во сообраќајот.
Стратегијата и плановите ќе вклучуваат мерки за подобрување на инфраструктурата, образованието, контролата и истражувањето на незгоди. Ќе се дефинираат на повеќе години, со конкретни активности и цели за секој период. Постојано ќе се работи на унапредување на безбедноста во сите аспекти, од возачи до патишта и возила.
Претседателот на Советот на Град Скопје, проф. Даме Димитровски вели:
Здравјето и животот на скопјани се врвен приоритет на оваа градска управа. Во поставување на темелната политика за безбеден сообраќај ќе ги подобриме условите на најранливите групи. Како град Скопје, ќе вложиме во политики и инфраструктурни мерки за побезбеден сообраќај. Спасувањето на животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција. Стратегијата ќе има посебно внимание кон програмата “Safe to school” со која ќе им се овозможи на децата безбеден пат од дома до училиште или културните и спортски установи на градот.
Проблемите со кои се соочува градот не познаваат партиски бои.
Советниците имаат отворена покана да се вклучат како активни чинители во конструктивни решенија на проблемите на скопјани. Верувам во аргументирана дебата, а не во политички театар. Советот на Град Скопје треба да созрее во тело во кое се слуша гласот на граѓаните, без да се надмудрува. Во фокусот ни е Скопје и суштинските решенија, а дневнополитичките расправии ќе станат неважни.
Советничките групи од мнозинството во градот, препознавме сродни определби во полето на безбедниот сообраќај со советничката од Независни Заедно и ја приоритизиравме оваа акција. Како што ветивме пред изборите, програмата за овој мандатен период ќе ја надополнуваме со заедничките ставови со другите кандидати. Секоја добра идеја и програма, ќе биде ставена на расправа.
Советничката Јана Белчева изјави:
Независни заедно припреми низа на предлози кои се однесуваат на сообраќајната безбедност, особено фокусирајќи се на најранливите учесници во сообраќајот, пешаците и велосипедистите. Проблемот најмногу го чувствуваат сите жители на градот, а Скопје има лоши показатели и на низа регионални и европски анализи. До сега, иако постојат студии, стратегии и акциски планови, жртвите растат, а решенијата се парцијални и не се започнати системски и координирана активности, кои ќе придонесат кон Визија 0 жртви во сообраќајот. Задоволни сме што нашите барања и предлози и се препознаени и се поклопуваат со предлозите од градоначалникот на градот, претседателот на Советот и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ со што е обезбедено да се вградат во новиот буџет за 2026.
Од сега ќе се фокусираме и ќе ја следиме реализацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

