Македонија
Град Скопје информира дека се прави реконструкција на водоводната мрежа на улицата Лисец во Аеродром

Град Скопје и скопското јавно претпријатие Водовод и канализација информираат дека континуирано реализираат проекти за подобрување на водоснабдувањето во градот, решавање на повеќедецениските проблеми со честите прекини поради застареноста на системот, намалување на загубите на вода и трошоците за поправките на дефектите на водоводната мрежа.
„Продолжуваат градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа на улицата Лисец во Аеродром, со која се врши двојно зголемување на досега незадоволителниот профил на водоводните цевки, со цел обезбедување на квалитетно и континуирано водоснабдување за жителите во тој дел од општината. Со реализација на овој проект за обнова на водоводната мрежа, се решава уште еден долгогодишен проблем каде досега поради дотрајаност и несоодветност, имаше појава на дефекти на старата водоводна мрежа и чести прекини во водоснабдувањето. Изведбата на оваа реконструкција претставува реализација на уште еден од проектите од програмата За модерно Скопје, за обновување и подобрување на градската водоводна мрежа“, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Максим Димитриевски оди во втор круг во трката за Куманово

Актуелниот градоначалник на Куманово од редовите на ЗНАМ, Максим Димитриевски во вториот изборен круг ќе се бори за нов мандат.
Според податоците објавени на страницата на Државната изборна комисија, Димитриевски освоил 37,89 отсто од гласовите или 16.183 гласа, додека втор е независниот Горан Стојковски со 13,92 проценти од гласовите, односно 5.946 гласови.
Според досега објавените податоци, третопласиран во Куманово е Селвер Ајдини од ДУИ со 5.905 гласа, а зад него е кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски со 5.793 гласа. Пребројани во оваа општина засега се 98,80 проценти од гласовите.
Димитриевски синоќа изјави дека води убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку што имаат вкупно останатите шест кандидати толку тој како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ има добиено гласови. Ако има втор круг, рече синоќа Димириевски, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, а граѓаните го препознаваат континуитетот и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ добива 32 градоначалника во првиот круг, Влен зад нив со победа во пет општини

ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини, покажуваат утрово податоците објавени на страната на Државната изборна комисија, според избројни 99 отсто од гласовите.
Според резултатите, кандидатите на партијата победија во општините Битола, Велес, Струмица, Штип, Охрид, Прилеп, Делчево, Радовиш, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден, Кавадарци, Вевчани, Свети Николе, Новаци, Берово, Бутел, Петровец, Василево, Карбинци, Зелениково, Кратово, Градско, Демир Хисар, Пехчево, Ново Село, Сопиште, Ресен, Јегуновце, Гевгелија и Босилово.
Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце.
СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Изборите не успеаја во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше – поради недоволен одѕив на гласачите.
ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство и во Скопје, но градончалник ќе биде избран во вториот круг. Тука силите ќе ги соочат Орце Ѓеорѓиевски и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
Македонија
Министерката Јаневска на министерски состанок на земјите од Западен Балкан во Подгорица

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска ќе учествува на министерски состанок на земјите од Западен Балкан за истражувања и иновации кој ќе се одржува во Подгорица, Црна Гора на 20 и 21 октомври 2025 година.
Дводневниот настан предвидува повеќе панел дискусии посветени на можностите за развој и поврзување на истражувачката инфраструктура на земјите од Западен Балкан, анализа на ефективноста на Планот за раст и националните стратегии за паметна специјализација на државите од регионот, како и за примената на вештачката интелигенција во науката и истражувањето, извести МОН.
Освен учество на панел дискусиите, министерката Јаневска ќе оствари и билатерални средби со еврокомесарката за истражување и иновации Екатерина Захариева, директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, Сабине Хенцлер, претседателката на Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) Асе Горницка и со црногорската министерка за образование, истражување и иновации Ангела Јакшиќ Стојановиќ, соопшти МОН.